Во текот на минатата недела Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) регистрирал и 36 реинфекции. Заклучно со 19 декември вкупно се пријавени 1 013 реинфекции
Минатата седмица е регистрирано намалување на бројот на новозаразени од ковид-19 за осум отсто во споредба со претходната, бележи Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во неделниот извештај за состојбата со коронавирусот во земјава.
Минатата недела, односно во периодот од 13 до 19 декември тестирани се вкупно 19 943 лица, што е за 8,1 отсто повеќе од претходната седмица. Бројот на ковид-позитивни минатата недела изнесувал 1 922 лица, а процентот на позитивни се движи од 6,9 до 12,4 отсто или во просек 9,6 отсто. Најмногу новозаразени има во Скопје.
Регистрирано е намалување на заболени лица во сите возрасни групи, а најзастапени се лицата над 60 години со 22,8 проценти. Најмалку заболени се регистрирани кај возрасната група од 0-9 години со 3,5 проценти. Според полот, 52,8 отсто од заболените се жени, а 47,2 машки.

Изминатава недела пријавени се вкупно 66 смртни случаи, најмногу во Скопје (19) и од возрасната група над 60 години и тоа 80,3 проценти.

Активни на ковид-19 се 5 376 лица, хоспитализирани се 347 лица што е за 18,7 отсто помалку од претходната недела. Од нив, 243 лица се на кислородна поддршка и 12 лица на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација.
Минатата седмица се евидентирани и 1 963 оздравени лица.
Во текот на минатата недела Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) регистрирал и 36 реинфекции. Заклучно со 19 декември вкупно се пријавени 1 013 реинфекции, што е 0,46 отсто од вкупниот број на досега заразени кој изнесува 221 411 лица.