Најголем број новозаразени, односно 621 лице, се на возраст од 15 до 64 години, 185 од заболените се деца на возраст од 5 до 14 години, 164 заразени се деца на возраст од 0 до 4 години, а 143 се лица на возраст над 65 години
Вкупно 1 113 случаи на грип или заболувања слични на грип се регистрирани во последната недела, односно во периодот од 16 до 22 февруари. Бројот на нови случаи на грип, како што соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), е 3,2 отсто помал во споредба со претходната недела.

Најголем број новозаразени, односно 621 лице, се на возраст од 15 до 64 години, 185 од заболените се деца на возраст од 5 до 14 години, 164 заразени се деца на возраст од 0 до 4 години, а 143 се лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца (169,9/100.000) е регистрирана кај децата на возраст од 0 до 4 години.
„Заболените лица се пријавени од Скопје – 669, Струмица – 81, Прилеп – 61, Тетово – 50 Гевгелија и Охрид – 37, а во Битола, Куманово, Дебар, Струга, Кичево, Штип, Кавадарци, Неготино, Пробиштип, Гостивар, Радовиш, Свети Николе, Велес, Кратово, Македонски Брод, бројот на заболени е помал од 30. Во Крушево, Валандово, Крива Паланка, Демир Хисар, Берово, Кочани, Ресен, Виница, Делчево и Пехчево нема пријавени заболени лица од грип и заболувања слични на грип“,
информираат од Институтот за јавно здравје.
Во сезоната 2025/2026 вкупниот број на случаи на грип или заболувања слични на грип изнесува 14 984, а досега се регистрирани вкупно четири починати лица асоцирани со грип.
Заклучно со минатата недела, во земјава се вакцинирани вкупно 79 118 лица.
