„ИЈЗ испрати вонредни обучени екипи по насока на Инспекторатот за животна средина, Министерство за здравство и кризниот штаб, кои ќе земат примероци од почва и вода од непосредна близина на засегнатото подрачје за физичко-хемиска анализа, а воедно ќе земат примероци (мостри) од чешми, бунари и почва за испитување на евентуално јонизирачко зрачење“, соопшти Институтот за јавно здравје

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) информира дека во моментов нема отстапувања од нормалните референтни вредности што би укажале на зрачење, односно, радијација во воздухот во главниот град по пожарот што вчера избувна во скопско Трубарево. Дополнително ќе се испитува почвата и водата.
„ИЈЗ испрати вонредни обучени екипи по насока на Инспекторатот за животна средина, Министерство за здравство и кризниот штаб, кои ќе земат примероци од почва и вода од непосредна близина на засегнатото подрачје за физичко-хемиска анализа, а воедно ќе земат примероци (мостри) од чешми, бунари и почва за испитување на евентуално јонизирачко зрачење исто така во непсредна близина на засегнатите подрачја. По анализата и обработката на истите, ИЈЗ ќе ги сподели резултатите со јавноста“,
соопшти ИЈЗ.
Од Институтот велат дека во периодот од 7 до 14 септември нивниот автоматски систем за мерење на радијација во воздухот работел непрекинато и редовно ги следел податоците од сите 14 мерни места низ Македонија. Меѓу нив е и станицата во Скопје (MKMP-1).
„Резултати за Скопје (MKMP-1):
- Просек во периодот: 51 нано сиверт на час
- Најниска и највисока вредност: од 51 до 69 нано сиверти на час
- Денес (14 септември 2025 во 11:30 ч.): 50 нано сиверти на час
За споредба – сите овие бројки се во рамки на природниот радијациски фон, односно нормалното природно зрачење кое секогаш е присутно во нашата околина. Нема никакви вредности кои би укажале на зголемена радиоактивност или на ризик за здравјето на граѓаните“,
соопшти ИЈЗ.
Од ИЈЗ велат дека поседуваат референтна акредтирана лабараторија со најсовремена опрема, како и висококвалификуван и обучен кадар за следење на јонизирачко зрачење (радијација) во воздух.
Од Институтот додаваат дека и натаму внимателно ќе ја следат состојбата во координација со Министерството за здравство и сите надлежни инстиутиции. Институтот повика и натаму граѓаните да ги следат нивните препораки за заштита на здравјето.
Претходно денеска, Основното јавно обвинителство Скопје информираше дека во врска со пожарот во Трубарево, јавен обвинител веќе презема дејствија за утврдување важни факти и обезбедување докази за понатамошна постапка.
„Јавниот обвинител вчера упати барање за поддршка до началникот на Генералштабот на АРМ за вклучување на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана на Армијата која со специјални инструменти изврши мерења и детекција на хемиска и токсична контаминација на воздухот со гасови и честички кои се ослободуваат од пожарот. Известување со резултатите од првичните мерења е доставено до обвинителството. ОЈО Скопје ги очекува резултатите од извршените мерења и од надлежните служби на Министерството за животна средина. Јавниот обвинител издава наредби за обезбедување на целокупната документација за работата на компанијата во чии магацини настана пожарот“,
соопшти ОЈО Скопје.