До хронично болните, особено до оние со кардиоваскуларни, невролошки и белодробни болести, Институтот за јавно здравје апелира да бидат посебно дисциплинирани во однос на препораките и да ја земаат својата редовна терапија, а за сите промени во здравствената состојба задолжително да го консултираат својот матичен лекар
Повозрасните да избегнуваат изложување на сонце и работа на отворено во период од 11 до 17 часот, да носат лесна, светла и памучна облека, заштитни очила за сонце, капа со висок свод и широк обод и крем со УВ-фактор 30+ при изложување на сонце. Ова се дел од препораките што ги објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за заштита на лицата над 65 години во услови на високи температури.

Оттаму нагласуваат дека овие лица се категоризирани како т.н. ризична категорија бидејќи се посклони кон здравствени проблеми поврзани со топлината, потешко се приспособуваат на температурните промени, имаат поголема веројатност да имаат хронична здравствена состојба или да користат редовна терапија што може или ги менува нормалните реакции на телото на топлина.
„Се апелира да се пие вода повеќе од вообичаеното и да не се чека додека не се почувствува жед за вода. Алкохолните пијалаци да се избегнуваат, како и оние што содржат кофеин, но и екстремно ладните. Доколку лекарот им има поставено некои ограничувања за внесување течности, да се консултираат со него. Се препорачува да се избегне користење шпорет, рерна и слични уреди од 11 до 17 часот“,
се додава во препораките на ИЈЗ.
До хронично болните, особено до оние со кардиоваскуларни, невролошки и белодробни болести, ИЈЗ апелира да бидат посебно дисциплинирани во однос на препораките и да ја земаат својата редовна терапија, а за сите промени во здравствената состојба задолжително да го консултираат својот матичен лекар.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во текот на денот температурите ќе достигнат и до 41 Целзиусов степен.