Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје минатата недела има намалување на бројот на смртни и новодијагностицирани случаи
Во период 30 ноември до 6 декември регистрирани се 6 463 нови позитивни случаи на ковид-19 од 35 градови во државата што е намалување од 4,2 отсто во однос на претходната недела, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје.
Тестирани се вкупно 17 456 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, што е намалување од 7,0 отсто во однос на минатата недела.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=1.639, 25,4%).

Во истиот период пријавени се 184 смртни случаи од 25 града, што е намалување од 10,7% во однос на минатата недела.
Во однос на возраста, 158 лица биле над 60 години, 20 лица на возраст од 50-59 години, 5 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години и еден случај во возрасната група од 30-39 години.

Во однос на датумот на пријавување, првиот случај на ковид-19 во земјава е регистриран на 26.02.2020. Највисок број на пријавени случаи на дневно ниво (n=1.406) е регистриран на 17.11.2020.

Првиот случај е регистриран во 9-тата недела, а од 11-тата недела во 2020 година континуирано се регистрираат нови потврдени случаи. Најголем број на заболени на неделно ниво (n=7.481) е регистриран 47-та недела.
По добиени 2 негативни теста или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 5 313 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е 10,4 отсто помалку во споредба со минатата недела.