Табатабаи се осврна и на реториката на американскиот претседател Доналд Трамп. Го обвини дека прибегнува кон навреди од, како што рече, очај и гнев, истовремено тврдејќи дека администрацијата во Вашингтон е одговорна за ескалацијата на состојбите
Иран му даде одговор на ултиматумот на американскиот претседател Доналд Трамп за заканите за Ормускиот Теснец, како витална артерија за глобалните испораки на нафта и гас.
Техеран тврди и дека има целосна контрола врз целиот премин и планира да воведе систем на бродарина за транзит низ него.
Канцеларијата на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан објави дека стратешки важниот Ормуски Теснец ќе остане затворен сè додека дел од приходите од транзитот не се искористат за компензација на штетата предизвикана од сегашниот конфликт.

Мехди Табатабаи, службеник за комуникации во канцеларијата на иранскиот претседател, јасно ја дефинира позицијата на Техеран во услови на зголемени тензии на Блискиот Исток.
Посочи дека нормализацијата на пловидбата низ еден од најважните нафтени патишта во светот е директно условена од финансиска компензација.
„Ормускиот Tеснец ќе биде повторно отворен само кога дел од приходите од транзитот ќе се искористат за компензација на штетата предизвикана од наметнатата војна“,
рече Табатабаи.
Покрај поставувањето на условите за Теснецот, Табатабаи се осврна и на реториката на американскиот претседател Доналд Трамп. Го обвини дека прибегнува кон навреди од, како што рече, очај и гнев, истовремено тврдејќи дека администрацијата во Вашингтон е одговорна за ескалацијата на состојбите.
На 28 февруари САД и Израел започнаа заедничка воена офанзива против Иран. Оттогаш, целата област е во состојба на зголемена готовност, а конфликтот се прошири и во неколку други земји.
Блокадата на Ормускиот Теснец претставува сериозен предизвик за светската економија, со оглед на тоа што речиси една петтина од светската нафта поминува низ овој премин.
Трамп пред два дена повторно упати остра порака до Иран во која се закани дека доколку Техеран за 48 часа не склучи договор или не го отвори Ормускиот Теснец, ќе се соочи со пекол од Соединетите Американски Држави.
