На денешната синодска седница на МПЦ-ОА, тој едногласно е избран за нов митрополит на оваа епархија, како единствен кандидат предложен од архиепископот г.г. Стефан за оваа позиција
Според црковни извори, на седницата не присуствувале повардарскиот митрополит Агатангел, кој се наоѓа на болничко лекување, и американско-канадскиот митрополит Методиј, кој не допатувал во Македонија
Игуменот Георгиј Ѓорѓевски денеска е избран за нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија, соопшти порталот „Литургија.мк“.

На денешната седница на Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) во полн состав, тој едногласно е избран за нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија, како единствен кандидат предложен од архиепископот г.г. Стефан за оваа позиција.
Според црковни извори, на седницата не присуствувале повардарскиот митрополит Агатангел, кој се наоѓа на болничко лекување, и американско-канадскиот митрополит Методиј, кој не допатувал во Македонија. Сепак, тие своите гласови ги делегирале преку други владици.
Игуменот Георгиј е поранешен декан на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и ексамбасадор во Ватикан.
Како што соопштија од МПЦ-ОА, наречението на новоизбраниот митрополит Дебарско-кичевски ќе се изврши на 12 јули, на Петровден, во храмот „Св. Климент Охридски и Св. Пантелејмон“ на Плаошник.
Епископската хиротонија и интронизацијата за него ќе се изврши следниот ден, на 13 јули во Соборниот храм на Охридските архиепископи „Св. Софија“ во Охрид.
Дебарско-кичевската епархија остана без прв човек во ноември лани, кога по кусо боледување почина тогашниот митрополит Тимотеј.
Инаку, Георгиј е роден во Скопје во 1968 година. Завршил богословски студии во Скопје, а магистрирал и докторирал во Рим, на Папскиот универзитет „Грегоријана“.
Замонашен е на 27 мај 2025 година во манастирот „Св. вмч. Георгиј“ – Криви Дол во Скопје. Веќе следниот ден е ракоположен за јероѓакон, а за јеромонах на 29 мај. На 8 јуни му е доделен игуменски чин.
Изминатите недели имаше собири на верниците што бараа предлогот на поглаварот на МПЦ-ОА да вклучува уште еден кандидат за иден митрополит на Дебарко-кичевската епархија, а тоа да биде епископот антаниски Партениј, игумен на Бигорскиот манастир.