„Во овој момент единствената работа што можам да ја кажам е дека има голем број дипломатски активности и голем број посети и сè што ќе произлезе од нив е добредојдено за нас“, рече евроамбасадорот во земјава
Вашата иднина е во Европската Унија и сите напорно работиме со цел тоа да се постигне, порача денеска евроамбасадорот Михалис Рокас од Велес одговарајќи на новинарско прашање за пораките што високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедност Каја Калас ги упати за време на посетата на Скопје, во врска со механизмите што ги има на располагање Брисел за деблокирање на евроинтеграциите на државата.

„Единствената работа што можам да ја кажам во оваа фаза всушност е само да го повторам тоа што високата претставничка на ЕУ, Каја Калас го кажа, а тоа е дека Северна Македонија и нејзината иднина припаѓаат во ЕУ и сите ние работиме напорно со цел да може да се постигне таа цел, за да може да се деблокира ситуацијата“,
рече Рокас.
Не сакаше да даде коментар на изјавата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во однос на тоа дека Австрија е подготвена на разговори со нас за изнаоѓање креативно решение со Бугарија.
„Не би сакал да коментирам изјави на претседателката ниту на претставници на држави членки. Во овој момент единствената работа што можам да ја кажам е дека има голем број дипломатски активности и голем број посети и се што ќе произлезе од нив е добредојдено за нас“,
кажа тој.
Во однос на Договорот во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти, меѓу земјава и Велика Британија, истакна дека не може да коментира договори на државата со трети страни, а за состојбата со миграцијата на Балканот, додаде дека земјава има исклучителна соработка со ЕУ на тоа поле.
„Што се однесува до мигрантите тоа е големо прашање за целата ЕУ. Јас можам да кажам дека има одлична соработка меѓу ЕУ и Северна Македонија, тука е и Фронтекс, кој го дава првиот аларм во случај на секоја миграција. Што се однесува на Велика Британија, ЕУ исто така потпиша договор за стратешко партнерство во исто време, кога се потпиша и вашиот и очигледно е дека Велика Британија е добар партнер на ЕУ и каков било договор меѓу Северна Македонија и Велика Британија е исто така добар за вас“,
вели евроамбасадорот во земјава.
Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас минатата недела беше во посета на Скопје, а одговарајќи на прашањето дали и кои се механизмите на Брисел за конечна деблокада на интеграцијата на С Македонија во ЕУ, рече дека има можност нешто да се направи.
Посочи дека на состанокот со премиерот Христијан Мицкоски се разговарало и за потенцијалните механизми за надминување на пречките во преговорите, но не сакаше да открие повеќе детали.