Дванаесетдневниот конфликт меѓу Израел и Иран избувна на 13 јуни, откако Израел изврши воздушни напади врз ирански воени, нуклеарни и цивилни цели, при што загинаа најмалку 606 лица, а 5 332 беа ранети, според иранското Министерство за здравство

Израелската војска (ИДФ) денеска објави дека за време на нападот врз Иран, како дел од операцијата „Подемот на лавот“, извршила напади врз повеќе од 900 цели.
Израелската војска тврди дека операцијата резултирала со смрт на 11 ирански нуклеарни научници и 30 високи безбедносни службеници, вклучувајќи тројца високо рангирани команданти, објави Си-eн-eн.
Според ИДФ, операцијата уништила повеќе од 900 цели, вклучувајќи 200 ракетни лансери, кои израелската војска ги наведува како половина од сите ирански лансери.
Нападите, исто така, уништиле авиони и постројки за производство на ракети, со што се спречило производство на илјадници дополнителни ракети, се вели во соопштението на израелската војска.
Претходно, на 26 јуни, израелскиот министер за одбрана Израел Кац во интервју за Канал 13 изјави дека нема можност да се елиминира иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, за време на нападот, но нагласи дека Израел ќе дејствува доколку се појави таква можност.
Дванаесетдневниот конфликт меѓу Израел и Иран избувна на 13 јуни, откако Израел изврши воздушни напади врз ирански воени, нуклеарни и цивилни цели, при што загинаа најмалку 606 лица, а 5 332 беа ранети, според иранското Министерство за здравство.
Техеран возврати со ракетни и беспилотни напади врз Израел, во кои, според Еврејскиот универзитет во Ерусалим, загинаа најмалку 29 лица, а повеќе од 3 400 беа ранети.
Борбите беа прекинати со прекин на огнот што стапи во сила на 24 јуни, со посредство на САД, кои претходно ги гаѓаа иранските нуклеарни постројки.