Со ова, бројот на идентификувани лица кои се загинати како резултат на пожарот се искачи на 24, соопштија властите

Швајцарската полиција ги идентификуваше телата на уште 16 жртви од пожарот во бар во швајцарскиот ски-центар Кран-Монтана.
Како што е наведено, најмладото лице е девојче од Швајцарија на возраст од 14 години, а девет се на возраст под 18 години. Во идентификуваните лица, како што велат од полицијата, има од Швајцарија, Италија, Романија, Турција и Франција.
Со ова, бројот на идентификувани лица кои се загинати како резултат на пожарот се искачи на 24, соопштија властите.
Претходно, вчера швајцарските власти соопштија дека се идентификувани осум швајцарски државјани на возраст меѓу 16 и 24 години.
Меѓу идентификуваните е и Стивен Ивановски, кој потекнува од Македонија, а живеел во Швајцарија. Вчера оваа информација ја изнесоа блиски во семејството на Ивановски.
Полицијата соопшти дека нема да бидат објавени дополнителни детали за жртвите што ги идентификувале од почит кон нивните роднини.
Швајцарските обвинители вчера соопштија дека двајцата менаџери на барот каде што пожарот на Нова година однесе најмалку 40 животи се под кривична истрага.
Прекршоците за кои постои сомнеж дека ги извршиле се убиство од небрежност, предизвикување телесни повреди од небрежност и палење од небрежност, соопшти обвинителството во кантонот Вале.
Истражителите веруваат дека искри од прскалки закачени на шишиња шампањ и држени премногу блиску до таванот го предизвикале пожарот.
Менаџерите на барот, брачниот пар Жак и Џесика Морети од Франција, изјавија за медиумите дека се скршени од трагедијата и дека соработуваат со властите за расветлување на катастрофата.
