Ковачевски, Ахмети и Гаши вчера имале заедничка средба во Владата, за која претходно немаше никаква најава. Темата на разговорот бил евентуалниот влез на Алијанса за Албанците во владината коалиција
Потребата од проширување на владината коалиција со Алијанса за Албанците била тема на средбата меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерите на ДУИ и Алтернатива, Али Ахмети и Африм Гаши, потврди вечерва во дебатниот магазин „Клик плус“ на ТВ21 секретарот на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими.
На средбата станало збор за тоа дека е можно да нема мнозинство во Собранието.
„Ние кога станавме дел од оваа влада, потпишавме договор за коалицирање и тој договор треба да се почитува. Нашите пратеници се стабилни и се дел од владиното мнозинство. Што се случи во меѓувреме? Каде исчезнаа пратениците? Тоа ние не го знаеме. За тоа нека размислуваат тие што изгубија пратеници“,
рече Ибрахими.
Според него, мнозинството е стабилно и нема потреба од проширување на владината коалиција.
„Оваа работа не е работа што може да се реши вечерва. Не го ни поставивме прашањето дали да се зголеми мнозинството, бидејќи мнозинството е стабилно. Оние што сакаат да го зголемат, нека кажат зошто. Во случај некоја партија да нема бројки, тогаш кажете ни. Ние имаме договор потпишан, сега значи дека тој договор не се почитува“,
рече Ибрахими.
Тој истакна дека договорот за коалиција го потпишале со поранешниот премиер Зоран Заев, од кого побарале гаранции дека ќе биде испочитуван и од новиот премиер Димитар Ковачевски.
„Договорот за коалицирање го потпишавме со Заев, од кого побаравме гаранции дека ќе биде испочитуван и од новиот премиер Ковачевски. Ни беше ветено дека тоа што е договорено и потпишано ќе важи до наредните избори. Сега некој преговара за нашите позиции без да нè информира. Не е политички коректно. Ние сè уште не ги добивме ресоритe што ги договоривме, сега ни велат да ги пуштиме и овие што ги имаме. Како да им веруваме на овие луѓе? На Алтернатива не ѝ смета Алијанса за Албанците да влезе во Влада, нам ни смета кога некој не го почитува тоа што го договоривме“,
изјави Ибрахими.
Ковачевски, Ахмети и Гаши вчера имале заедничка средба во Владата, за која претходно немаше никаква најава.
Информацијата дека се одржала ваква средба, во изјава за МИА ја потврдиле извори од Алтернатива, а темата на разговорот бил евентуалниот влез на Алијанса за Албанците во владината коалиција.
Потребата за влез на Алијанса за Албанците во Владата, според објаснувањето што го добил Гаши од Ковачевски и Ахмети, била дека на Собранието му е потребна поголема функционалност, за парламентарното мнозинство да нема недостиг на кворум.
„Гаши на средбата ја повторил позицијата дека Алтернатива веќе има договор со СДСМ за Влада и дека очекува тој договор да се исполни. Дополнително, дека и по една година од договорот сè уште не се реализирани ниту сите програмски ниту кадровски решенија кои биле договорени, односно дека 15 кадровски позиции не се исполнети. Гаши прашал зошто сега да склучат нов договор за влез на Алијанса во Владата и кои се гаранциите дека тој ќе се реализира, кога не е исполнет договорот меѓу Гаши и експремиерот Зоран Заев“,
изјавиле од Алтернатива за МИА.
Претходно премиерот Ковачевски изјави дека разговарал и дека ќе разговара со коалициските партнери за теми кои се значајни за работењето на Владата, но во повеќето изјави кои ги даде изминативе денови кажа дека тема на разговор не биле детали околу евентуалното зголемување на владиното мнозинство бидејќи такви детали не се разговарале ниту со потенцијалниот нов коалициски партнер.
Инаку, претседателството на Алијанса за Албанците утре ќе одржи состанок на кој, меѓу другото, се очекува да биде формиран тимот што ќе ги води преговорите за влез на АА во Владата. За одлуките од состанокот јавноста ќе биде информирана преку соопштение за медиумите.