„Јас тврдам дека 80 отсто од вработените сигурно ќе бидат од РСМ, а дека 20 отсто, поради спецификите на функционирање на гасната централа, мора да бидат и странци“, вели во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи

Предлог-законите за стратешки инвестиции во областа на енергетиката, кои беа повлечени од парламентот, разгледани во Владата, па повторно испратени во Собранието, и понатаму се предмет на критичка дебата во јавноста. Проектот „Гасна постројка во Скопје“, кој доби статус на стратешка инвестиција и за чија реализација грчката компанија „Митилинеос“ треба да добие државна помош и низа други поволности, не предвидува обврска за инвеститорот да вработи државјани на Северна Македонија.
Во интервју за „360 степени“ на МРТ1, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи одговара дека не постои таква обврзувачка рамка во договорот затоа што тоа се подразбирало.
360°: Зошто, покрај сите поволности што ги добива стратешкиот инвеститор, не се изборивте барем еден сегмент од работниците коишто ќе треба да ги ангажира, да бидат од РСМ?
Битиќи: А кој вели дека нема да бидат?
360°: Па, не пишува така ниту во законот ниту во договорот.
Битиќи: Затоа што не е предмет на дискусија, тоа е пазарна економија.
Во предлог-договорот што Владата би го склучила со „Митлинеос“, доколку предлог-законот помине во парламентот, меѓу другото, пишува: „Стратешкиот инвеститор ќе вложи разумни напори да вработи државјани на Република Северна Македонија и локални изведувачи кои ги имаат потребните квалификации, знаење и искуство, под услов нивниот ангажман да биде разумен, временски ефикасен и исплатлив“.
„Јас тврдам дека 80 отсто од вработените сигурно ќе бидат од РСМ, а дека 20 отсто, поради спецификите на функционирање на гасната централа, мора да бидат и странци. Не прејудицирам кои се странците. Сега ајде, ако има попаметен начин како да се дефинира, да ги ставиме со име и презиме… Да не биде дека сега треба да му кажеме мора овој список на луѓе да го вработите. Значи, не функционира држава и влада на тој начин. Особено не со компанија којашто е присутна на њујоршката берза“,
вели Битиќи.
