Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави оти е сигурен дека војната со Русија „ќе заврши побрзо“ отколку што инаку би завршила, откако Доналд Трамп ќе стане претседател на САД.
Зеленски рече дека имал „конструктивна размена“ на мислења со Трамп во телефонскиот разговор по неговата победа на претседателските избори. Зеленски не кажа дали Трамп поставил какви било барања во врска со потенцијалните разговори со Русија, но рече дека не слушнал ништо од него што е спротивно на позицијата на Украина.
Трамп во изминатиот период повторуваше дека негов приоритет е да се стави крај на војната и да се запре трошењето на американските ресурси во воената помош за Украина.
„Сигурно е дека војната ќе заврши побрзо со политиката на тимот што сега ќе ја води Белата куќа. Ова е нивниот пристап, нивното ветување на нивните граѓани“,
рече Зеленски во интервју за украинскиот медиум „Суспилне“.
Зеленски исто така кажа дека „Украина мора да направи сѐ за оваа војна да заврши следната година, и тоа преку дипломатски средства“.