Има оваа држава свој народ и граѓани, и демократи, и борци, и политичари, и партии кои нема да дозволат Мицкоски, Апасиев и Груевски да ја заробат и да ја упропастат државата одново, се огласи премиерот по неколкудневен молк и отсуство од јавноста откако ја најави оставката
Нашата кауза е и граѓанска и државничка. Знам дека зад таа кауза како бедем гордо стојат мнозинство од нашите граѓани и мнозинство од нашите пратеници, оцени премиерот Зоран Заев по неколкудневен молк и отсуство од јавноста, а откако пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, објави дека во Собранието е поднесено барањето за гласање недоверба на Владата, наводно со потписи од 61 пратеник.
„Овие денови сведочиме на загрозување на Договорот од Преспа, на Договорот за добрососедство со Бугарија, на Охридскиот рамковен договор, на заедничкото едно и еднакво општество, на мирот на граѓаните внатре и на добрите односи со соседите. Но, има оваа држава свој народ и граѓани, и демократи, и борци, и политичари и партии кои нема да дозволат Мицкоски, Апасиев и Груевски да ја заробат и упропастат државата одново. Нашата кауза е и граѓанска и државничка. Знам дека зад таа кауза како бедем гордо стојат мнозинство од нашите граѓани и мнозинство од нашите пратеници. Демократијата, слободата, солидарноста и заедништвото се нашите вредности“,
напиша Заев на Фејсбук.
Тој реагираше веднаш по прес-конференцијата на пратеникот Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој објави дека во секој момент во Собранието ќе биде поднесена иницијативата за гласање недоверба на Владата, за која рече дека е потпишана од 61 пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Алтернатива, Беса и Левица, а дека се преговара и со други пратеници за приклучување кон неа.