По нападот на Конгресот голем дел од врвот Републиканската партија се огради од претседателот на САД, Доналд Трамп, но не и државниот секретар Мајк Помпео
Неочекувано, државниот секретар во заминување реши да ја критикува одлуката на Твитер за забрана на Твитер налогот на Трамп.

„Замолчувањето на слободата на говорот е опасно. Тоа не е американски. За жал, ова не е нова тактика на левицата. Таа со години работеше на замолчување на спротивставените гласови. Не можеме да ги оставиме да замолчат 75 милиони Американци“,
напиша Помпео на неговиот личен Твитер-налог.

Ваквата поддршка на државниот секретар во заминување доаѓа во период кога „паѓаат“ оставки во Белата куќа како реакција на настаните пред и во Конгресот, но и кога дел од радикалните и екстремните поддржувачи на Доналд Трамп најавуваат „втора рунда“ во пресметката и тоа на денот на инаугурацијата на новиот американски претседател, Џо Бајден.
Анализите во дел од американските медиуми се дека изненадува ваквиот тон на Помпео кој и самиот покажува понатамошни политички амбиции (размислуваше да се кандидира за сенатор, но и активно ја поддржа кампањата на Трамп) и кој првично ги осуди насилствата и беззаконието како неприфатливи.
Помпео не осамен во воздржувањето од јасна осуда на постапките на Трамп. Тука се и сенаторите Џош Хаули и Тед Круз. И едниот и другиот имаат претседателски амбиции и анализите во Вашингтон се дека нивните проценки се дека победа на некои идни избори не е можна без поддршка од базата на Трамп и оттука не сакаат директно да се конфорнтираат со милионите кои застанаа зад претседателот во заминување.

За разлика од нив, неколку видни републиканци, како конгресменот Адам Кинсингер или сенаторката Лиза Мурковски веќе побараа од Трамп да се повлече од функцијата.
Претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, веќе најави дека Претставничкиот дом е подготвен да иницира импичмент против Трамп ако тој самиот не поднесе оставка. Гласањето може да се случи веќе во средината на следната недела, само неколку дена пред истекот на мандатот на претседателот.