Ќе има ли судски исход 32. собраниска седница, на која пратеници од мнозинството дојдоа со скафандери за да овозможат кворум за донесување дваесетина закони
Со кривични пријави и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ против тројца од парламентарното мнозинство резултираше 32. седница во неделата, кога кворумот го обезбедија двајца пратеници во скафандери кои излегоа од изолација поради ковид-19.
Петнаесетина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ отидоа пред зградата на Обвинителството за да ја поднесат кривичната пријава, а пратеничката Ели Панова соопшти денеска кривичните пријави се против спикерот Талат Џафери и двајца пратеници, за прекршување на здравствените прописи, согласно со членовите 205 и 206 од Кривичниот законик. Според неа, во неделата бил прекршен и Законот за заштита од заразни болести.
„Очекуваме дека јавното обвинителство ќе постапи согласно со законите и ќе ја процесира оваа кривична пријава. Исто така, морам да потенцирам дека во неделата беше прекршен и Законот за заштита на населението од заразни болести, кој, внимавајте, имаше измена и дополнувања кои што ги донесе овој пратенички состав во октомври 2020 година. Токму поради овие основани сомневања денес ја поднесуваме оваа кривична пријава, која се надеваме дека ќе се процесира итно“,
рече Панова.
Таа рече дека кривичната пријава е против претседателот на Собранието, кој овозможи да присуствуваат на седница двајца пратеници кои беа позитивни на ковид-19. Посочи и дека очекува дека јавното обвинителство ќе се издигне над притисоците од власта и дека ќе постапува по пријавите.
Пратениците на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска и на ДОМ Мирослав Богдановски во неделата се појавија во скафандери во Собранието, за да обезбедат кворум за донесување на законите од 32. седница, пред гласањето за петтиот сет мерки – на 36. седница.
Кривична пријава против Џафери и двајцата пратеници денеска поднесе и Левица.
Спикерот Џафери вчера изјави дека излегувањето на пратениците од изолација било изведено согласно протоколот за работа на Собранието во услови на ковид-19, што бил донесен пред конститутивната седница на овој пратенички состав. Потоа, бил дополнет во ноември минатата година, така што овозможува пратеници кои се заразени со коронавирус, ама се асимптоматски, да дојдат во Собранието под посебни услови.