Следно е гласањето на Изборниот колеџ на 14 декември
Трамп и натаму не се откажува од судските процеси за докажување изборна измама
Гувернерот на Висконсин, Тони Еверс, ја потврди изборната победа на демократскиот претседателски кандидат Џозеф Бајден во државата.
„Денеска ја извршив својата должност и ги потврдив претседателските избори одржани на 3 ноември. Во согласност со законот на државата Висконсин и федералниот закон, потпишав сертификат со кој се потврдува дека Џо Бајден победи на претседателските избори во Висконсин“,
се вели, меѓу другото, во официјалното соопштение на гувернерот Тони Еверс.
Висконсин е една од државите во која сегашниот претседател Доналд Трамп ја оспорува победата на Бајден и побара пребројување на гласовите.
Претходно, победите на Бајден ги потврдија и Џорџија и Пенсилванија, кои исто така беа клучни држави од кои зависеше кој од двајцата кандидати, Бајден или Трамп, ќе освои повеќе од 270 електорски (изборни) гласа во Изборниот колеџ.
Иако американските медиуми ја проектираа победата на Бајден неколку дена по изборите, од минатата недела започна процесот на пренос на власта, откако шефицата на Службата за општа администрација Емили Марфи испрати писмо во кое го нарекува Бајден „очигледно избраниот претседател“.
(ВИДЕО) Трамп се согласи да започне транзицијата на власта, Бајден почна со објавување на тимот
Но Трамп и натаму не го признава поразот. Во интервјуто што го даде во неделата, прво по изборите од 3 ноември, за „Фокс бизнис њуз“ ги повтори обвинувањата за изборни измами, но овој пат вината за тоа што ништо не се презема за откривање на изборната измама ја префрли на судиите за кои рече дека не сакаат да се мешаат.
Трамп најблиску до признавањето на поразот беше минатата недела, кога рече дека ќе ја напушти Белата куќа доколку Бајден биде потврден за победник од Изборниот колеџ на 14 декември.
Бајден вчера претстави уште еден дел од тимот кој ќе го назначат на водечките функции во Белата куќа – тимот за комуникации кој првпат во историјата е целосно составен од жени.
