Во вчерашното невреме поплавени беа голем број куќи, а на санирање на штетите уште доцна синоќа, освен пожарникарите од Делчево, работеа и пожарникари од Кавадарци, Кочани, Берово и Македонска Каменица, кои се одѕваа на повикот на градоначалникот на Делчево и помогнаа во справување со последиците од невремето
Санирањето на штетите од невремето што вчера го зафати Делчево продолжи и денеска. Утринава се испумпува водата од подрумите на жителите кои се поплавија по силното невреме со пороен дожд, грмежи и град.

Поплавени беа голем број куќи, а на санирање на штетите уште доцна синоќа, освен пожарникарите од Делчево, работеа и пожарникари од Кавадарци, Кочани, Берово и Македонска Каменица, кои се одѕваа на повикот на градоначалникот на Делчево и помогнаа во справување со последиците од невремето.
Градоначалник Горан Трајковски синоќа информира дека во функција се ставени сите расположливи ресурси, но оти за целосно справување со последиците ќе биде потребна поголема поддршка.
Тој ги повика луѓето кои имаат поплавени домови да се јават на бројот 193 во Противпожарната служба, каде што се наоѓа и координативниот центар, за службите да знаат каде да интервенираат. Апелираше до граѓаните до денеска наутро да не ја користат водата од водоводниот систем во градот за пиење.
Од фотографии и видеоснимки, што по невремето ги споделуваа граѓани на социјалните мрежи, можеа да се видат поплавени улици, на кои нивото на водата достигнуваше речиси до прозорците на автомобилите.
Дождот, кој на места бил проследен и со врнежи од град со големина на лешник, предизвикал штети на дел од раноградинарските култури и на дел од овошните насади.