Наместо со целосен бојкот на наставата, средношколците утре ќе протестираат против аерозагадувањето со симболично напуштање на наставата на крајот на денот за да се придружат на маршот што секој петок го организира „Петоци за иднината – Скопје“.
Ова граѓанско здружение денеска ги повика средношколците на ваков начин повторно да се приклучат на традиционалниот марш кој ќе започне во 17 часот и ќе се движи по рутата од Министерството за животна средина до Владата.
„Овој период од школската година е важен за учениците, но чистиот воздух е уште поважен. Затоа од ‘Петоци за иднината – Скопје’ не повикуваат на бојкот на целиот училиштен ден, туку симболично напуштање на наставата на крајот на денот за да се придружат на маршот. Во знак на солидарност, учениците во прва смена ќе одржат протест за време на последниот час во школските дворови“, се вели во повикот.
Од „Петоци за иднината Скопје“ истакнуваат дека не поддржуваат никакви други активности надвор од оваа програма, и се оградуваат од какви било злоупотреби на еколошката кауза за лични или партиски цели и ги повикуваа средношколците да го канализираат нивниот револт исклучиво преку протестниот концепт на „Fridays For Future“ и да ги следат насоките од нивните профили на социјалните мрежи.
„Нашето барање е едноставно исполнување на листата со барања на Коалицијата ‘Зелен фронт’, за да можеме да продолжиме со образованието како што ѝ доликува на свесна и прогресивна младина! Воедно, ги повикуваме граѓаните од сите возрасти, верски, етнички и партиски припадности да ни се придружат на предновогодишниот ‘Марш за воздух’ и да им помогнат на нивните деца во оваа битка!“, велат од здружението.
Минатиот петок средношколците од поголем дел од средните училишта во Скопје и од други градови се приклучија на протестот со порака. „Нема воздух, нема мир!“.
Во најголем дел протестот беше слободен, но не и во скопската гимназија „Никола Карев“, каде што според видеото кое се појави на социјалните мрежи директорката им се закани дека не им гарантира за последиците од протестот. Ова беше причина градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, експресно да ја разреши.