Неколкумина правни експерти, на кои им се приклучи и Слаѓана Тасева, сметаат дека на Миле Јанакиески судот треба да му ги спои сите изречени мерки притвор и тие да му се засметаат во три и полгодишната затворска казна за случајот „Титаник“
Упатувањето на Миле Јанакиески на доиздржување на три и полгодишната затворската казна во „Идризово“ за предметот „Титаник“, и покрај тоа што тој поминал повеќе време во притвор за неколкуте предмети за кои е обвинет отколку што му е изречената правосилна затворска казна само за овој конкретен случај, отвори правни дилеми.

Универзитетската професорка Слаѓана Тасева смета дека судот може да ги спои сите изречените мерки притвор од сите предмети за на Јанакиески да му се засметаат во затворската казна за „Титаник“. Таа својата позиција ја аргументира со ставот на професорот Гордан Калајџиев кој е на истата линија како неа.
„Колегата Гордан Калајџиев, како и многупати досега, навреме и со право укажува на тоа дека правната практика треба да се менува во насока на соодветна примена на правото и правдата. Се согласувам дека за тоа се потребни добри познавачи на правото, но судиите би требало да се врвни правници, теоретичари и практичари. Да се надеваме дека дилемите ќе ги разрешат во струката и надвор од влијанието на јавното мислење“,
вели Тасева.
Според Калајџиев, случајот на Јанакиески е комплексен бидејќи тој е обвинет и неправосилно осуден во повеќе постапки. Според професорот по кривично процесно право, не е точно тврдењето дека евентуалното спојување на повеќето изречени мерки притвор за засметување на една правосилна пресуда е противзаконско.

„Нема вистинска пречка притворите од различни постапки на осудениот да му се засметаат во правосилна казна; повеќето (ограничени) правници ќе тврдат дека тоа не е предвидено во закон! Законите се пишуваат по претпоставка еден обвинет една постапка. Ако случајот е комплексен (inter alia еден обвинет 10 постапки, решенијата ги бараме во правните принципи), (R. Dworkin). Принципот на правичност бара фер компензација (restitutio in integrum)“,
смета Калајџиев.
Слична е аргументацијата и на професорот во пензија, академик Владо Камбовски. Неговата анализа е дека во случајот на Јанакиески треба да се направи системско толкување на законите кои ја опфаќаат оваа материја зашто, како што вели, на ексминистерот му се суди во раздвоени постапки во повеќе предмети.
„Друга е ситуацијата кога на едно лице му се суди во повеќе раздвоени кривични постапки, оформени како различни судски предмети со подигање на повеќе обвиненија, пред различни совети и со донесување на пресуди во тие постапки. За тие случаи треба да важи правилото дека во секоја постапка при донесување на осудителна пресуда судот мора да одлучи за засметување на притворот што му бил одреден на обвинетиот, независно за кое кривично дело против него се покренати различните постапки (на пример, одреден е притвор заради обезбедување негово присуство во истрагата за едно дело, но потоа истрагата е проширена и на други дела или се покренати истраги и за други дела). Во тој случај судот при донесувањето на осудителната пресуда мора да се држи за императивната норми од чл.47 ст.1 КЗ и чл.404 ст.1 т.6 од ЗКП за засметување на притворот, односно куќниот притвор, при изрекувањето казна затвор за посебното дело. Притоа, судот не смее да ја избегне таквата обврска поаѓајќи од сознанието дека против обвинетиот, кој е правосилно осуден, се водат други кривични постапки, кои не се завршени со правосилна судска пресуда. Во спротивен случај, судот го повредува принципот на пресумпцијата на невиност, според која, никој не може да се смета за виновен сѐ додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда. Недозволено е во таа смисла и калкулирање со веќе изречени казни за други дела во првостепена постапка, затоа што тоа значи прејудицирање на конечната и правосилна судска пресуда за тие дела“,
оценува Камбовски.

За разлика од Камбовски, Калајџиев и Тасева, поранешната врховна судијка Милка Ристова вели дека нема законска основа ниту судска пракса да се пресметува времето поминато во притвор на обвинетиот за дела за кои нема правосилна пресуда во однос на дело за кое е донесена правосилна пресуда.
„Чекав за оваа прашање кое досега за ниеден осуденик не се поставило, да изразат став стручните здруженија или долгогодишни судии и јавни обвинители, за да непотребно не се вознемирува јавноста. Секако надлежниот суд ќе донесе одлука по изјавениот правен лек. Тие кои практично го применуваат ЗКП знаат дека нема ниту законски основ, ниту македонска судска пракса, ниту таква пракса од другите држави кои произлегоа од поранешна Југославија, а со кои споделувавме ист правен систем, во која притвор определен во кривична постапка во тек, во која нема правосилна пресуда, не се засметува во друга кривична постапка завршена со правосилна пресуда“,
вели Ристова.
Ексминистерот Јанакиески од Апелацискиот суд неделава доби пониска затворска казна од определената со првостепената пресуда, односно од четири години и шест месеци затвор, Апелација му ја намали казната на три години и шест месеци.