„За Македонија како сиромашна држава подобро е овие избори да се одржат заедно, на ист датум и да не се двојат. Јас сум против идејата во декември да има парламентарни, па во март претседателски. Исто така, сум против и за опцијата претседателски во март или април, а во јуни или јули парламентарни“, изјави денеска лидерот на Алијанса за Албанците, која е дел од владината коалиција и актуелен градоначалник на Гостивар. Тој нагласи дека има изгледи да се постигне консензус за ова прашање
И лидерот на Алијанса за Албанците, партија која е дел од актуелната владејачка коалиција и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, е со став дека претседателските и парламентарните избори треба да се одржат заедно.

Таравари, одговарајќи на новинарско прашање, денеска рече дека не го сменил својот став што го искажал пред една година.
Тој нагласи дека има изгледи да се постигне консензус за ова прашање.
Неговиот став тој го темели на економскиот момент и посочи дека како сиромашна држава подобро е двата изборни циклуси да се одржат заедно.
„За Македонија како сиромашна држава подобро е овие избори да се одржат заедно, на ист датум и да не се двојат. Јас сум против идејата во декември да има парламентарни, па во март претседателски. Исто така, сум против и за опцијата претседателски во март или април, а во јуни или јули парламентарни“,
рече Таравари, пренесува МИА.
Лидерот на Алијанса за Албанците смета дека ваквите опции ќе бидат голем трошок кој ќе падне врз грбот на обичниот граѓанин.
„Народот е исцрпен и тоа се дополнителни трошоци. Одвоените избори непотребно ќе потрошат многу енергија – и на народот и на политичките партии. Потребна е голема кондиција за да се издржат два круга избори за три месеци и тоа ќе генерира дополнителни трошоци“,
рече Таравари.
Тој очекува решението да произлезе од средби на заедничка маса бидејќи, како што потенцира, за датумите за избори политичките партии досега се договарале и одлучувале со консензус.
Инаку, со идентичен став е и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој пред десетина дена го повика премиерот на лидерска средба на која би се разговарало за претстојните избори и изборниот процес.
Тој во телевизиско интервју рече дека на евентуална средба ќе бара претседателските и парламентарните избори да бидат заедно и посочи дека во спротивно е можно претседателските избори да бидат неуспешни поради повеќе фактори.
Ковачевски на повикот одговори дека терминот за изборите е законски регулиран, а лидерска средба меѓу него и Мицкоски може да има во секое време доколку има нешто ново во однос на продолжувањето на евроинтегративниот процес.
Според ДУИ, изборите треба да се одржат во редовен термин, а дали ќе бидат одвоено или заедно, тоа, како што изјави Бујар Османи пред два дена, треба дополнително да биде одлучено во консултација со политичките партии.
„Нам ни одговара која било варијанта“,
рече Османи.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во изјава за МИА во понеделникот (9 октомври) рече дека би свикал лидерска средба за договор за термин за претседателски и за парламентарни избори само доколку претседателите на политичките партии би се согласиле на тоа. Разговорите, ако се случат, според Џафери, би требало да завршат најдоцна до крајот на годината, затоа што ако се подоцна, тоа ќе значи течење на роковите и постапките предвидени со закон, кои тој прецизно ги наведе во изјавата.