Според него, денеска истражните органи ќе влезат во општината, со цел да ги проверат сите документи
Дали и колкава е одговорноста на градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, ќе утврди Јавното обвинителство, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање како е можно градоначалникот да не е меѓу осомничените за трагедијата во Кочани, со оглед на тоа дека по распитот е пуштен на слобода, иако според закон, општината води регистар на ноќни клубови, дискотеки и кабареа, а наплаќа и половина од сумата за добивање лиценца.

„Градоначалникот во својата оставка напиша дека стои на располагање за сè. Не бега, тука е“,
рече Мицкоски откако денеска ги посети повредените во ГОБ „8 Септември“ во Скопје.
Според него, денеска истражните органи ќе влезат во општината, со цел да ги проверат сите документи.
На новинарите им посочи „ако пледирате на тоа дека градоначалникот е од ВМРО-ДПМНЕ, па дека го штитиме, се лажете“.
„Никого нема да штититме. Свети ВМРО да биде. И јас да сум. И родена сестра и брат да ми е, ќе одговара, ако има каква било вина. И затоа реков, кривична одговорност ќе има за сите“, рече премиерот.
Порача и дека тој ќе се носи со целиот предизвик, ако е потребна каква било морална или политичка одговорност, но дека прво ќе ги порази противниците, а потоа граѓаните на избори ќе судат дали и кој треба да сноси одговорност.
„Но, да не шпекулираме пред време. И свети ВМРО да е, ако некој направил грешка, ќе одговара. И тоа сме го покажале и докажале во овој период“,
додаде Мицкоски.
Избор на в.д. градоначалник на Општина Кочани ќе се случи во законски предвидениот рок, додаде тој.
Од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија вчера информираа дека е завршен распитот на градоначалникот на Кочани, каде што дал определени појаснувања и сознанија.
Таквиот исказ, како што додаваат од Обвинителството, се споредува со доказниот материјал и надлежностите на општината.
Инаку, градоначалникот на Кочани вчера објави дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата по трагедијата што викендов го снајде градот, а во која животите ги загубија 59 лица, а над 150 се повредени.