За време на посетата на Белград, еврокомесарот Вархеји рече дека вториот столб на планот на ЕУ, кој ќе биде објавен наскоро, е отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија
И Србија гледа шанса во новата методологија на Европската комисија. Српскиот претседател Александар Вучиќ смета дека симпатиите натежнуваат кон новата методологија, иако земјата може да одлучи да ја користи и тековната преговарачка рамка.
„Србија и Црна Гора, како земји кои се најдалеку во преговарачкиот процес со ЕУ, може да изберат дали ќе продолжат да ја користат веќе потпишаната преговарачката рамка или ќе ја прифатат новата методологија. Но симпатиите се на страната на новата методологија“,
изјави Вучиќ по средба со еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји.
Како што јави МИА од Белград, Вучиќ на прес-конференцијата изјави дека Вархеји му го претставил првиот дел од новата методологија, додавајќи дека сега не може да ги има сите параметри и дека ќе продолжи да ја проучува новата методологија и ќе донесе конечни одлуки во наредниот период.
„Од ова што го видов, сфатив дека имаме многу шанси. Ние ќе мораме да разговараме, да разбереме и ќе го почекаме самитот во Загреб, да видиме што добиваме ако завршиме еден кластер, оти без тоа не можеме да направиме проценка. Затоа е тешко да се добие конечен одговор од Србија пред Самитот во Загреб и да видиме што добиваме, а што губиме. Затоа ќе покажеме трпеливост, знаејќи ги добрите намери на Вархеји и на францускиот претседател Емануел Макрон и на други што ѝ сакаат добро на Србија и на регионот“,
рече Вучиќ.
Тој додаде дека го информирал Вархеји и за иницијативата за „мини-шенген“, за идејата дека Србија заедно со некои земји членки на ЕУ, сакаат да станат дел од шенгенскиот договор, што ќе биде од големо значење за нејзините граѓани.
„Србија може во безбедносна смисла да гарантира важно и ефективно влијание врз безбедноста на целата ЕУ. Ние би сакале поголема поддршка од ЕУ и пристап до европски фондови. Ќе дадеме сè од себе ова да го направиме,“
рече српскиот претседател.
Вархеји одговори дека регионалната соработка е „добредојдена“ и дека иницијативата за „мини-шенген“ на тројцата премиери е добра – тој ги охрабрува државите да учествуваат во тоа, со отворање и кон на другите земји во регионот.
Претставувајќи ја новата методологија на пристапниот процес, еврокомесарот изјави дека негова цел е барем една земја на Западен Балкан, за време на неговиот мандат, да биде подготвена за влез во ЕУ.
„Геополитиката почнува во нашето соседство, во срцето на Европа, во Западен Балкан. Добро е што сум тука затоа што сакам да ги зајакнам нашите пораки и нашите врски со земјите на Балканот. Особено со оние што се веќе во процес на преговори за пристап, затоа што постои напредок и јас сакам да го забрзам, работејќи заедно со Србија“,
кажа Вархеји.
Тој истакна и дека вториот столб на планот на ЕУ, кој ќе биде објавен наскоро, е отворање на преговорите на ЕУ со Северна Македонија и Албанија.
„Потребно е да се работи на ажурирање на извештаите за двете држави, со цел да се добие ’зелено светло’ за отворање на поглавјата до Самитот ЕУ-Западен Балкан во Загреб“,
нагласи Вархеји.
Третиот столб, како што рече, е нова стратегија за економски развој и инвестиции за целиот регион, со цел да се забрзаат и приближат економиите на Западен Балкан до ЕУ.
„Да им помогнеме на државите да создадат пазарна економија, која е отпорна, функционална, да ги подигнеме на повисоко ниво, да создадеме економски раст, отворање на работни места, затоа што овој регион има огромен потенцијал и ние треба да работиме заедно“,
изјави еврокомесарот.