Одделите за интензивна нега во Германија наскоро би можеле да бидат полни, пишува Дојче веле, поради што јавноста повторно се прашува дали, среде пандемијата, лекарите ќе бидат принудени да прават тријажа, односно реорганизација според приоритетот и расположливите ресурси?
Зошто болниците во Германија не успеваат да го зголемат капацитетот?
Можноста од воведување тријажа повторно ја бранува Германија. Дали третиот бран од корона- заразата навистина ќе биде толку сериозен што лекарите ќе треба да одлучат кој пациент да се поврзе со респиратор или да се префрли на единицата за интензивна нега, а кој ќе се препушти на судбината? Нешто слично се случи минатата година на некои места во Франција, Шпанија и Италија.
„Добрата вест е дека ќе се грижиме за сите пациенти и дека нема да има тријажа во Германија“,
вели Кристијан Карагијандис, кој е одговорен за регистарот во Германското здружение за интензивна нега и итна медицина (ДИВИ), кој ги регистрира установите за интензивна нега.
Тој додава дека пред да се одлучува за тријажа, прво ќе следи план на работа фокусиран апсолутно итни ситуации.
Иако досега повеќе пати беа вклучувани аларми во јавноста поради исполнетоста на болници, „тријажата не се практикува од почетокот на пандемијата“, вели за ДВ портпаролот на ДИВИ, Јохан Албрехт.
ДИВИ објавува дневен извештај за установите за интензивна нега во Германија. Од 23 886 кревети, само 2 898 (околу 12 проценти) се бесплатни. Меѓу пациентите на интензивна нега, има 4 740 пациенти со ковид, од кои 2 708 се на респиратори. Теоретски, има уште десет илјади легла во резерва.
Негувателките масовно се откажуваат
Лекарите во интензивна нега во Германија бараат што побрзо да се воведе строг карантин. Велат дека третиот бран сè уште не го достигнал пикот и прашање на денови е кога сè ќе биде полно. Во некои градови веќе нема места, па пациентите во постабилна состојба се префрлени во други болници.
Ова за ДВ го потврдува Уве Јансенс, раководител на одделот за интерна медицина во Ешвајлер кај Келн.
„Разговаравме со недели и месеци за да воведеме многу строги мерки за да се обидеме да ја израмниме кривата. Никој не нè слуша“,
вели тој.
На најавите дека законот ќе се смени така што градовите и областите ќе бидат принудени да воведат строги мерки, тој коментира дека е добро што конечно политичарите се сетија.

Сепак, еден факт е зачудувачки. Додека сега има, вкупно, помалку од 24 илјади кревети на располагање, за разлика од минатиот јуни кога имаше 30 илјади. Како е можно, среде пандемија, болниците го намалуваат капацитетот?
Причината е првенствено во недостатокот на персонал. Од почетокот на пандемијата, дури 9 000 негуватели и друг медицински персонал ја напуштија работата. Таа загуба не може да се надомести со зголемената имунизација на лекарите и медицинските сестри.
Покрај тоа, од почетокот на годинава, според новиот кадровски клуч, н еден негувател/ка имало по два кревети, а досега имало два и пол.
„Мерката е добра сама по себе, затоа што негувателите имаат повеќе време да се грижат за секој од пациентите“,
вели портпаролот на ДИВИ.
Но, лошата страна на оваа мерка е што креветите за кои нема персонал остануваат непополнети.
Сепак, и покрај ваквата напната ситуација, состојбата во Германија е добра во споредба со нејзините европски соседи. Според студијата спроведена од здравственото осигурување, Германија е европски лидер со 30 болнички кревети на 100 000 жители. Португалија има дури седум пати помалку капацитет. Просекот на ЕУ е 13,1 кревет на сто илјади луѓе.
Подобри плати за негувател(ки)ите?
Со цел да се избегне тријажа, болниците веќе полека се движат кон работа во итни околности. Ова значи дека сите третмани на пациенти кои не се итни се одложени, а пациентите се префрлаат во болници каде сè уште има места.
Како и да е, за секој случај, пред една година, Работната група на научни медицински професионални здруженија усвои упатства чиј рок неодамна беше продолжен до октомври оваа година. Упатствата предвидуваат дека пациентите се рангираат според шансите терапијата да успее – во случај на вонредна состојба, оние со поголеми шанси ќе бидат задржани.

Тријажата е чувствителна тема, дури и меѓу политичарите.
„Ако лекарите ги следат препораките на професионалните друштва, многу луѓе со попреченост нема да имаат скоро никакви шанси за лекување што ќе ги одржи во живот“,
стравува членката на Бундестагот, Корина Рифер, која бара оваа материјата да се регулира со закон.
Баварскиот конзервативен пратеник Ерих Ирлсорфер се залага за прагматично преодно решение. Тој сака да се донесе закон со кој ќе се регулираат прекувремените часови за негувателките, кои же бидат многу повеќе платени, како и да се привлече пензиониран медицински персонал со повисоки плати со цел да се врати во болниците за време на пандемијата.
Пулмологот Кристијан Карагијанидис од ДИВИ вели дека негувателите и лекарите се уморни и тоа е основниот проблем што го загрижува.
