Тие упатиле барање до Владата за неповратна помош поради огромните загуби
Туристичките агенции имаат пад на прометот од 80 до 100 проценти, интересот за патување е сведен на минимум, а реализацијата на направените аранжмани е неизвесна поради секојдневното менување на одлуките во државите поради пандемијата. Тие денеска соопштија дека доставиле три барања до Владата и најавуваат дека во вторник ќе се приклучат на протестот на угостителите.
Тие бараат: итна неповратна помош од Владата и ваучерите од кампањата „Дома си е дома“ да бидат задолжително искористени преку туристичките агенции, да се смени и одлуката за ваучерите за нереализираните патувања поради ковид-кризата, односно, наместо до 31 декември годинава, важноста на овие ваучери да се продолжи до 31 декември 2022 година.
„2021 година беше годината кога сите се надеваме дека ќе се вратиме во нормала, меѓутоа, за жал, таа се покажа дури и полоша од претходната. Континуирана помош од страна на државата, нема. Гледаме што се случува во петтиот пакет мерки и тоа не можеме да го поднесеме“,
изјави денеска на прес-конференција Ана Марија Алексова од Туристичко-угостителската комора.