Од Комората на сметководители предупредуваат дека голем број компании најавуваат затворање на бизнисите и бараат бескаматните кредити да важат и за други дејности
Комората на сметководители денеска предупреди дека станува сè поалармантна состојбата и во овој сектор поради кризата со коронавирусот, така што голем број компании за кои се вршат сметководствени услуги најавуваат затворање на своите бизниси.
Според досегашните податоци, како што беше речено на денешната прес-конференција, за јануари и февруари е евидентиран пад на прометот меѓу 15 и 20 отсто, а заклучно со 11 март има компании кои работат со отпуштени работници и бележат пад на прометот дури до 40 проценти.
„Мерки за поддршка треба да се донесат веднаш. Предлагаме пролонгирање на роковите за поднесување даночни поднесоци и други извештаи 30 дена по престанок на вонредната состојба, повратот на ДДВ да се скрати од 30 на 20 дена, укинување на обврската за плаќање месечни аконтации на данок на добивка, а добивката доколку ја има да си ја платат компаниите редовно следната година. Истото да важи и за данокот на личен доход за засегнатите дејности за 2020 година со што се подобрува ликвидноста и се обезбедува на крајот на годината данокот да го платат врз основа на реалниот резултат, кој поради пандемијата ќе биде понизок од оној во 2019 година“,
рече претседателот на Комората на сметководители, Драган Митковски, кој апелира оние кои се во можност однапред да платат данок на добивка.
Според него, потребно и е целосно укинување на сите затезни камати, а не само нивно намалување, сервисирање на долгот по основ на сите даноци во наредните 12 месеци по завршување на вонредната состојба.
„Дополнително, потребно е субвенционирање на плати и придонеси во сите сектори, не само во туризам, транспорт и угостителство, како и донесување закон за кризен данок и фискална контрола во кризни ситуации со времетраење од шест до осум месеци. Со ова ќе се воспостави контрола на профитерство во кризни моменти и ќе се даде можност за менаџирање на приходната и расходна страна на буџетот“,
истакна Митковски.
Александра Андреева, член на УО на Комората на сметководители, укажа дека во услови кога сите светски економии за повеќе месеци ги одложуваат роковите за поднесување даночни поднесоци и извештаи за да се намалат контактите, сметководителите во земјава се соочуваат со одложувања од само неколку дена.