Централниот комитет вечерва, по предлог на Извршниот комитет, го одреди месецот кога ќе се одржи редовниот и изборен конгрес на водечката десничарска партија во земјава
Во ноември годинава, ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи редовен конгрес, за што вечерва одлука донел Централниот комитет на опозициската партија, неколку часа откако Иницијативниот одбор најави вонреден конгрес на оваа партија на 28 март, за да се дискутира за одговорноста на лидерот Христијан Мицкоски за резулатот од ланските парламентарните избори.
Стефан Андоновски од раководството на ВМРО-ДПМНЕ ја соопшти вечерва одлуката на ЦК, со која ноември се одредува како месец кога ќе се одржи редовниот партиски конгрес – четири години по конгресот во Валандово, кога Мицкоски беше избран на чело на партијата. Според тоа, конгресот на опозициската партија би се одржал веднаш по завршувањето на локалните избори во земјава, што треба да се одржат наесен.
Андоновски изјави дека ЦК ја донел одлуката за конгресот по предлог на Извршниот комитет, кој заседавал пред два дена.
„Воедно, ВМРО-ДПМНЕ и нејзините функционери ќе бидат на терен по градовите и селата заедно со народот“,
рече Андоновски.
На прашање дали ЦК разговарал за иницијативата за вонреден конгрес во март, Андоновски рече дека ова е добра можност за прочистување на редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Централниот комитет за ваква иницијатива заседаваше уште пред неколку месеци и едногласно донесе одлука з таа да биде отфрлена. И согласно со статутарните овластувања кои ги има и членот 29, став 4 од Статутот на ВМРО-ДПМНЕ. Централниот комитет и овој пат едногласно се задржа на принципиелно почитување на Статутот и статутарните принципи. Би сакал да истакнам дека ние за наш противник го имаме Зоран Заев и продолжуваме кон рушење на хибридниот режим на Заев. Сите граѓани ни се добредојдени во оваа борба и се надевам дека се поголем број ќе ни се приклучуваат“,
рече Андоновски.
Другите заклучоци на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ
Во однос на пописот, ЦК на ВМРО-ДПМНЕ заклучил дека е тема што се злоупотребува од власта за политичка пресметка и се користи како „димна завеса“, за да се одвлече вниманието „од обидот за фалсификат кој се прави во позадина“, како и од другите теми кои ги загрижуваат граѓаните.
ЦК на ВМРО-ДПМНЕ смета дека одбивањето на иницијативата за собирање граѓански потписи за носење на закон за поништување на Законот за попис, преставува чекор во кој се гледа стравот на власта од соочување со народот.
„ВМРО-ДПМНЕ, покрај пратеничките потписи, донесе одлука, во сопствена организација, да почне со собирање на граѓански потписи насекаде низ државата, кои ќе дадат легитимитет на нашата одлука пратениците да поднесат закон за укинување на Законот за попис. Нема да ја ускратиме можноста граѓаните да се вклучат во нашата иницијатива да се стопира фалсификатот на пописот“,
рече Андоновски.
ЦК на ВМРО-ДПМНЕ донел и заклучок, според кој, „режимот на Заев кој е најкорумпиран во Европа, прогласен за хибриден режим“, треба да биде целосно размонтиран.
„Владата, која се оддржува со мнозинство кое е на стаклени нозе, по бројните скандали и случаи на криминал, нема никаков кредибилитет да управува со државата и треба час поскоро да си замине. Имаме министри кои немаат НАТО- сертификат, а земјава е членка на НАТО веќе една година, затоа што кај нив има корупција и криминал. Државата е на дното во светот и сеуште нема ниту еден вакциниран против коронавирусот, но е на врвот по број на смртни случаи и заразени. Имаме образование кое служи за експеримент и економија во рецесија. Ова се вистинските теми кои и интересираат граѓаните, а не стандардниот фолклор на Заев и неговите оправдувања“,
рече Андоновски, објаснувајќи ги заклучоците од вечерашната седница на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.