Нападот врз претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски е напад врз работата на независна институција, вели премиерот Зоран Заев, прашан за овој случај.
Бислимоски беше нападнат завчера од страна на синот на поранешниот функционер на ДУИ, Муса Џафери, Аријанит Џафери, бидејќи РКЕ почнала постапка за одземање на лиценцата поради незаконско работење на неговата фирма.
Заев оцени дека ова е директен атак врз едно независно регулаторно тело, кое е многу важно за државата, како и сите други државни органи.
„Го осудувам и се надевам дека брзо ќе биде процесирано со соодветна пријава“,
рече Заев и додаде оти верува дека Министерството за внатрешни работи со аргументацијата на доказите ќе преземе соодветни пријави.
МВР веќе поднесоа кривична пријава против Џафери и изготвија записник кој е испратен до обвинителството.
Претходно денеска, нападот го осуди и министерот за економија Крешник Бектеши, а министерот за надворешни работи Бујар Османи повика институциите да постапат, како и за секој друг граѓанин.