По ВМРО на Каракачанов, со реакции по повод амандаманот на Годишниот извешај на Европскиот парламент за С Македонија се јавија и европратеникот Андреј Ковачев и потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.
За заменичката на Румен Радев, предложената корекција е недозволива и директно насочена кон Бугарија. Според неа, би било преседан да постои такво нешто во документ за една земја членка на ЕУ, како што е Бугарија.

Таа, како поранешен член на европскиот парламент од редовите на бугарските социјалисти ги повика колегите од Групата на социјалисти и демократи во Европскиот парламент да го повлечат амандманот.
„Јазикот на омраза, провокативните изјави и непочитувањата на лицата со бугарска определба се обележје за С Македонија. Предложениот амандман е израз на пропустот на бугарската држава да им ја објасни на европските партнери својата позиција за односите со С Македонија. Добрососедството не значи само расчистување на споровите од минатото, туку треба да се однесува и за иднината, како на пример во однос на заштитата на граѓаните кои се со бугарска самосвест. Конкретен пример е скандалот со нивниот претставник на „Евровизија“ , само заради тоа што тој има бугарскиот идентите и симпатија кон нашата држава“,
вели Јотова.

Европратеникот Андреј Ковачев кој е од редовите на ГЕРБ, партијата на премиерот Борисов смета дека е тажно тоа што неговите колеги од групата на Социјалистите и на Зелените се обидуваат да внеста неправедна и неизбалансирана корекција во Извештајот за С Македонија. Тој како член на групата на Европската народна партија се надева дека таа нема да биде изгласана.
„Ги повикувам не само бугарските европратеници, туку и сите колеги во Европскиот парламент да поразговараат со предлагачите за нивните предлози да бидат објективни а не да се базираат на информации од извори од македонската влада“,
вели Ковачев.
Со амандманот на европратениците Марек Белка, Тонино Пицула, Тања Фајон и Андреас Шидер во име на партијата на Групата на социјалисти и демократи и на Тинеке Стрик од групата на Зелените „се осудуваат неодамнешните провокативни изјави на членови на бугарската влада во однос на историските прашање кои ја засегаат Северна Македонија и се противречни со духот на Договорот за добрососедски односи со Бугарија. Се повикуваат бугарските власти да се воздржат од слични изјави, со оглед на предизборната кампања во Бугарија која е во тек.
Во него исто така се поздравува „зрелиот и балансиран одговор на тие провокации од владините претставници во Северна Македонија“.
