До утре, пак, треба да заврши и идентификацијата на загинатите кои со авион на Република Бугарија ќе бидат пренесени во Скопје

Последниот пациент, кој беше повреден во автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија, денеска е отпуштен од Клиниката за неврохирургија на болницата „Пирогов“ во Софија.
Медицински тим од Северна Македонија попладнево го пренесува пациентот во татковината, јави дописникот на МИА од Софија.
Ова е седмиот повреден во инцидентот на 23 ноември во кој загинаа 45 лица, државјани на Северна Македонија.
Во денешното соопштение од болницата „Пирогов“ се вели дека сите странски државјани кои ја преживеале несреќата на автопатот „Струма“ се пренесени и нивната состојба се следи во Република Северна Македонија и Република Србија, чиј државјанин е еден од повредените.
До утре, како што соопштија денеска од Владата, треба да заврши и идентификацијата на загинатите.
„Останките ќе бидат донесени в петок и преку организиран државен протокол ќе им бидат предадени на семејствата во нивните домови. Ова е информација што ја имаме, дополнително ќе информираме во текот на утрешниот ден“,
изјави денеска портпаролот на Владата, Муамет Хоџа.
Телата, како што претходно соопштија од Министерството за надворешни работи (МНР) ќе бидат пренесени со авион на Република Бугарија, а од скопскиот аеродром преку државен протокол ќе им бидат предадени на семејствата.