Сега Грците најдоа нов начин на забава, во приватни вили, без да постои некаква контрола
Во бродот од островот Егина, кон Атина, доцна синоќа, не се почитувале мерките за растојание меѓу патниците при влезот ниту, пак, носеле маска, објави онлајн-изданието на весникот „Прото тема“, пренесе МИА.
За метежите во бродот и непочитувањето на мерките, весникот коментира дека не постоела контрола ниту од крајбрежната служба ниту од членовите на екипажот.
Медиумите во Грција постојано објавуваат информациите дека и покрај мерките забавите продолжуваат да се одржуваат во барови и кафулиња на Миконос, но и во други грчки градови.
На островот Миконос, откако беше затворен еден бар, сега Грците најдоа нов начин на забава, во приватни вили, без да постои некаква контрола.

Како што јави ТВ-станицата „Опен“, на забава организирана во саботата присуствувале 200 лица, при што не се почитувале превентивните мерки ниту, пак, бил евидентиран и пријавен приходот од влезниците од присутните.
Метежи и непочитување на мерките за време на викендот имаше и во кафулиња и ноќни клубови како во Атина така и во други грчки градови, а надлежните во саботата изрекоа две казни во висина од 3 000 и 10 000 евра и затворија на 15 дена две атински кафулиња.

Од почетокот на епидемијата, во Грција регистрирани се 3 266 позитивни случаи на ковид-19, а починаа 190 лица.
Од регистрирани вкупно 29 нови случаи во текот на викендот, според телевизијата „Скај“, 13 се „увезени“, односно од лица кои пристигнале во земјата или авионски (девет) или преку граничниот премин „Промахонас“ со Бугарија (четири позитивни случаи), што воедно е и единствената отворена копнена граница.
Според информативниот портал „Њуз 24/7“, од 145 регистрирани случаи во измината седмица, односно во периодот од 15 до 21 јуни, 25 биле кај лица кои дошле од странство, грчки државјани или туристи.
Паралелно во градот Парамитиа во областа Епир, откако вчера беа откриени седум нови случаи, денеска се затворени основните училиштата.