Противниците на устоличувањето најавија дека цела ноќ ќе останат на барикадите за да спречат устоличувањето да се случи во Цетинскиот манастир и најавија дека ако полицијата се обиде да ги тргне блокадите на патот ќе ги запалат поставените гуми. Полицијата, пак, оцени дека безбедносната ситуација во Цетиње е неповолна и ризичка
И покрај тензичните демонстрации во Црна Гора, српскиот патријарх Порфириј тврди дека устоличувањето на митрополитот црногорско-приморски Јоаникиј ќе се одржи утре во Цетинскиот манастир во Црна Гора.

„Утре со божја помош и молитва за мир, сите архиреи ќе тргнат кон Цетиње за устоличувањето на владиката Јоаникиј во митрополит црногорско-приморски“,
изјавил патријархот за српската новинска агенција „Танјуг“.
„Танјуг“ и дел од српските и црногорските медиуми претходно објавија дека устоличувањето е одложено поради тензичните протести кои денеска се одржаа во Цетиње. Медиумите пишуваа дека премиерот на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ, и вицепремиерот, Дритан Абазовиќ, ургирале кај највисоките претставници на Српската православна црква (СПЦ) да се одложи настанот.
Десетици демонстанти денеска излегоа на протест за да го искажат својот револт против устоличувањето на митрополитот и бараа тоа да се одржи на друга локација, а не во Цетинскиот манастир. Ја отстранија заштитната ограда која беше поставена за да ги спречи утре да се доближат до манастирот, а потоа го пробија и полицискиот кордон и го блокираа магистралниот пат од Подгорица кон Цетиње.
Доцна вечерва тие најавија дека ќе останат на барикадите цела ноќ односно сè додека СПЦ не се откаже од церемонијата во Цетинскиот манастир. Исто така, соопштија дека ќе ги запалат автомобилските гуми што се поставени на барикадите, ако полицијата се обиде да ја отстрани блокадата.
Се огласи и црногорската полиција која процени дека безбедносната ситуација во Цетиње е неповолна и ризична.
Додека противниците на устоличувањето во Цетинскиот манастир протестираа, друга група граѓани го пречека патријархот Профириј пред храмот Христово воскресение во Подгорица, каде во пресрет на утрешниот настан се одржа и литургија.