Германските власти наведуваат дека складиштата за гас постојано се полнат, но предупредуваат дека тридневниот прекин на испораките преку гасоводот „Северен тек 1“ од Русија, планиран за следната недела, би можел привремено да ја забави таа активност
Германските капацитети за складирање природен гас се полни повеќе од 80 отсто, што укажува на постојан напредок и покрај драстичното намалување на испораките од Русија за време на војната во Украина.
Според податоците објавени денеска, складиштата за гас во Германија се пополнети 80,14 отсто.
Германските власти наведуваат дека складиштата за гас постојано се полнат, но предупредуваат дека тридневниот прекин на испораките преку гасоводот „Северен тек 1“ од Русија, планиран за следната недела, би можел привремено да ја забави таа активност.
Зголемувањето на резервите на гас е клучен фокус на германската влада откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари, со цел земјата да избегне нарушување во индустријата во период кога има раст на побарувачката за зимата.
Германските складишта за гас беа полни околу 56 отсто кога руската државна компанија „Гаспром“ почна да ги намалува испораките преку гасоводот „Северен тек 1“ во средината на јуни. Русија тогаш како причина за намалувањето ги наведе техничките проблеми, што германските власти го отфрлија како изговор за Русија да ја покаже политичката моќ.
Претходните недели „Северен тек 1“ работеше со само 20 отсто капацитет, а „Гаспром“ во петокот објави дека гасоводот ќе биде затворен од 31 август до 2 септември поради рутинско одржување на компресорската станица.
Германската влада пред еден месец ги заостри условите за пополнетост на магацините, воведувајќи обврска до 1 септември тие да бидат исполнети 75 отсто до 1 септември, 85 до 1 октомври и 95 до 1 ноември.