Станува збор за заменик-военото аташе А. Шевченко, кој според извори на Алмакос презел несоодветни дипломатски дејствија
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на прес-конференција и лично ја потврди информацијата за која вчера индиректно потврда доби и „360 степени“ писмено од МНР, дека минатата недела дипломат од Руската Амбасада во Скопје е прогласен за персона нон грата.
И одговорот на Османи денеска, како и писмениот одговор од МНР вчера, не содржи детали за причините за оввој потег.
„Бидејќи информациите од овој карактер се доверливи, само ќе кажам дека Министерството за надворешни работи, во рамките на своите надлежности, ги презема сите соодветни мерки и активности согласно виенската конвенција за дипломатски односи со цел да ја заштити националната безбедност на Република Северна Македонија, како и безбедноста на нашите сојузници“,
изјави денеска Османи на прес-конференцијата.
Порталот Алмакос, повикувајќи се на извори од Министерството за надворешни работи, објави дека минатата среда повторно бил депортиран висок руски дипломат.
Станува збор за заменик-военото аташе А. Шевченко, кој според извори на Алмакос презел несоодветни дипломатски дејствија.
Во мај годинава, еден руски дипломат во земјава беше прогласен за персона нон грата, а како причина за протерување на дипломатот се посочуваат активности што не се во согласност со однесувањето кое се очекува од странски дипломат што служи во земјата домаќин.
Претходно, рускиот амбасадор во Скопје, Сергеј Александрович Баздикин, бил повикан во македонското Министерството за надворешни работи, каде што бил известен за тоа.