ВЛЕН сè уште нема конечна одлука за кандидатите за општините Гостивар, Врапчиште, Студеничани и Чашка

Централното претседателство на коалицијата ВЛЕН на вечерашната седница утврди 14 кандидати за градоначалници за локалните избори што треба да се одржат наесен.
Оттаму велат дека се одлучиле за кандидати за кои ценат дека се најприфатливи на граѓаните.
- За Тетово, кандидат е актуелниот градоначалник, Билал Касами.
- Во Чаир, ќе се кандидира првиот вицепремиер, Изет Меџити.
- Во Струга, ВЛЕН го поддржува независниот кандидат Менди Ќира.
- Во Кичево ќе го кандидира министерот за Социјална политика, Фатмир Лимани.
- За Дебар, номиниран е заменик-директорот на Управата за јавни приходи, Фисник Мела.
- Во Градот Скопје, ВЛЕН го предлага директорот на Дирекцијата за општи услуги во Универзитетскиот клинички центар во Скопјe, Башким Бакиу.
- Во Сарај, кандидат на ВЛЕН ќе биде директорот на претпријатието „Номагас“, Мухамед Елмази.
- Во Липково, ВЛЕН го кандидира директорот на Државните резерви на нафта, Неџмедин Садику.
- Во Арачиново ќе настапи со Даут Беќири.
- Во Желино ќе го продолжи актуелниот градоначалник, Блерим Сејдиу.
- Во Теарце ќе се кандидира директорот на Бирото за регионален развој, Даут Мемиши.
- За Боговиње, номиниран е Фети Абази.
- Во Брвеница, ВЛЕН го кандидира директорот на Државниот инспекторат за локална самоуправа, Хаќим Рамадани.
- Во Долнени, кандидат e наставникот Блерим Ислами.
„Во оваа прилика, ве известуваме дека сè уште нема конечна одлука за кандидатите за општините Гостивар, Врапчиште, Студеничани и Чашка. Во разговори сме со неколку кандидати, секогаш обидувајќи се да понудиме најдобри имиња за овие општини. Тука нагласуваме дека сите овие се кандидати на ВЛЕН и, како што претходно одлучивме, ниту еден од нив не се кандидира под партиско лого. Освен што се кандидати на ВЛЕН и идни градоначалници на општини, тие ќе бидат слуги на сите граѓани без оглед на етничката, религиозната и политичката припадност“,
велат од Влен.
Имињата на прес-конференција ги соопшти министерот за здравство Азир Алиу.
Медиумите јавуваат дека тој веднаш по соопштувањето на имињата си заминал, па не било дозволено да се постават прашања.
Така, останува дилемата за тоа каде живее Меџити – во Чаир или во Бутел и дали ќе треба да се сели за локалните избори.