„Сè што адвокатката Кадриу изнесе во однос на наводното трошење 1 милион евра за два и пол месеци во 2015 година е лага и клевета. Податокот колку пари се потрошени во овој период е содржан во првиот Извештај за работењето на СЈО, кој е јавно објавен на 15.03.2016 година и доставен до Собранието на РМ и до Советот на јавните обвинители“, вели актуелната шефица на ОЈО Гостивар и поранешната обвинителка во згаснатото СЈО
Таа како клевети и лаги ги оценува и наводите на Кадриу во однос на постапувањето на СЈО по предметот познат во јавноста под името „Пуч“
По јавниот обвинител Гаврил Бубевски, и неговата колешка Елизабета Јосифоска ги оцени како лажни и клеветнички наводите што адвокатката Лејла Кадриу ги изнесе во телевизиско гостување во врска со работата и постапувањето на дел од обвинителите во згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО).

Јосифоска, која беше дел од тимот на СЈО, а сега е актуелна шефица на Основното јавно обвинителство Гостивар, во писмено известување до јавноста вели оти смета дека лагите и клеветите што ги изнела адвокатката се со цел да ги нарушат нејзината чест и углед, но и да го дискредитираат работењето на поранешното Специјално јавно обвинителство.
Шефицата на гостиварското Основно јавно обвинителство на почетокот се осврнува на тврдењата на Кадриу дека еден милион евра од буџетот што му бил даден на СЈО во 2015 година биле потрошени без никаква потреба.
Според Јосифоска, станува збор за лага и клевета бидејќи, како што наведува обвинителката, постои извештај колку точно пари потрошило Специјалното обвинителство, а дека остатокот, кој е во поголем износ, е вратен во Буџетот на државата.
„Се што адвокатката Кадриу изнесе во однос на наводното трошење на 1 милион евра за два и пол месеци во 2015 година е лага и клевета. Податокот колку пари се потрошени во овој период е содржан во првиот Извештај за работењето на СЈО, кој е јавно објавен на 15.03.2016 година и доставен до Собранието на РМ и до Советот на јавните обвинители. Ноторен факт е дека се потрошени 13.542.671,00 денари, а непотрошените парични средства во износ од 49.877.757,00 денари на 31.12.2015 се вратени во Буџетот на РМ. Податокот за потрошените парични средства е содржан и во завршната сметка на СЈО за 2015 година доставена до надлежните институции“,
наведува Јосифоска во реакцијата.
Таа како клевети и лаги ги оценува и наводите на адвокатката Кадриу во однос на постапувањето на СЈО по предметот познат во јавноста под името „Пуч“. Случајот беше отворен на почетокот на 2015 година, откако СДСМ почна да ги објавува т.н. „бомби“ односно прислушувани разговори. Обвинение беше поднесено против поранешниот директор на ДБК, Зоран Верушевски, и неговата сопруга Соња Верушевска. Случајот потоа го презеде СЈО, по што обвинението беше повлечено.
„Дека сè што кажа е лага и невистина во однос на овој предмет е очигледно од фактот што предметот со сите докази е предаден од страна на Основен кривичен суд Скопје на СЈО кон крајот на јуни 2016 година. Во тоа време Лејла Кадриу веќе не беше јавен обвинител во СЈО, па се поставува прашањето како воопшто можела да го види предметот ‘во некое ќуше, неотворен и спакуван во проѕирни фолии’.
Лејла Кадриу не се задржа само на ова, туку со цел да се дискредитираат сите предмети на Специјалното јавно обвинителство, изнесе лаги и невистини и во однос на приемот на материјалите од незаконски прислушуваните материјали од политичката партија СДСМ и понатамошното постапување со нив во СЈО“,
вели Јосифоска.
Таа додава дека не присуствувала на самиот прием на материјалите на 30 декември 2015 година, но начинот и понатамошното постапување со нив, вели, е опишан во првиот извештај за работата на СЈО.
„Имено, извршен е детален попис на сите примени материјали од страна на комисија во која и јас бев член, а записникот од извршениот попис е предаден во судот како доказ во еден од предметите на СЈО“,
наведува обвинителката.
На крајот од дописот таа вели дека поради лагите и клеветите, денеска упатила писмено барање до адвокатката Лејла Кадриу за извинување. Доколку не го добие, Јосифоска вели дека ќе поднесе тужба за клевета до надлежниот суд.

Барање за извинување од Кадриу и најава за тужба, доколку не го добие, вчера преку допис до медиумите соопшти дека поднел и јавниот обвинител и доскорешен шеф на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски.
И тој, како и Јосифоска, наводите на адвокатката Кадриу ги оцени како лаги и клевети насочени кон неговиот личен и професионален интегритет.
Инаку, наводите на Кадриу, која кратко време беше дел од СЈО, пред да биде отстранета од тимот, деновиве се дел од соопштенија на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која цитирајќи и парафразирајќи делови од гостувањето на адвокатката во емисијата на ТВ Алфа, обвинува дека поранешното СЈО наместо како независна институција дејствувало како партиски штаб на СДСМ.
Повикувајќи се на тврдењата на Кадриу, ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение се осврнува на делот во врска со случајот „Пуч“, наведувајќи дека екслидерот на СДСМ и поранешен премиер Зоран Заев и нему блиски луѓе давале насоки и директиви кој предмет ќе биде одработуван, каде ќе биде распореден и кој треба да биде обвинет.
„Поранешната обвинителка од СЈО, Лејла Кадриу, тврди дека четворица адвокати на Заев вршеле притисок врз обвинители за предметот ‘Пуч’. Во СЈО дошле четворица адвокати на Зоран Заев, да ги убедуваат обвинителите да се пуштат лица од притвор за предметот ‘Пуч’. Биле убедувани да дадат позитивно мислење за да може предметот да се преземе од ОЈО ГОКК, за да може предметот да биде работен од СЈО. Истиот овој предмет, потоа бил донесен во СЈО, спакуван во кутии и заштитна фолија. Овој предмет требало да го работат Ленче Ристоска и Лиле Стефановска. Предметот бил оставен да фаќа прашина, а обвинителките не оделе на рочиште, што според обвинителката Кадриу, тој предмет и денес ако се најде, сè уште би бил со заштитна фолија, ниту отворен, ниту разгледан“,
се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ, пак, велат дека нападите врз предметите на СЈО се дел од „организирана политичка операција за враќање на Никола Груевски и уривање на правниот поредок“.
„Станува извесно дека блискиот сојузник на ВМРО, Виктор Орбан, може да се соочи со пораз на изборите во Унгарија. Оваа нова реалност ја гледа и самиот Груевски. Наместо да ја отслужува казната во Идризово, ВМРО му подготвува враќање на осудениот криминалец во Белата палата. Клучниот чекор во ова сценарио е систематскиот напад врз Специјално јавно обвинителство и врз пресудите што произлегоа од неговата работа“,
велат од опозицискиот Социјалдемократски сојуз.
