Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Владата две седмици не одговара на барање на ДИК за одобрување средства за набавка на терминал за отчитување отпечаток од прст на годинашниве локални избори
И ново парламентарно мнозинство и нови предвремени парламентарни избори најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по денешната обиколка на Зелениот пазар во Скопје и средбите со пазарџиите.
Наспроти ставот на премиерот Зоран Заев дека следните парламентарни избори конечно ќе бидат редовни и ќе се одржат во 2024 година (кога треба да има и редовни претседателски избори), Мицкоски изјави дека и од Месечината се наѕираат нови предвремени избори за пратеници.
„Јас не знам колку може да му се верува на Заев, ама знам дека единствено што се гледа од Месечината, покрај Кинескиот ѕид, се нови парламентарни избори во Македонија“,
рече Мицкоски нагласувајќи дека е уверен оти ќе има избори и дека се бори за тоа.
Нешто повеќе од половина година по последните (вонредни) парламентарни избори, кои се одржаа лани на 15 јули, Мицкоски тврди дека се потребни нови избори за пратеници, за државата да добие нова влада, а актуелната влада да понесе одговорност, затоа што, како што вели, го украде народот.
„Речиси четири години сум на чело на ВМРО-ДПМНЕ и барем 200 дена во годината сум на терен, затоа што само така можеме да ја вратиме довербата што, во изминатите четири години, граѓаните ја изгубија сосема во политичарите, кои донесоа само едно големо политичко мочуриште во земјава“,
рече Мицкоски.
Од друга страна, тој тврди и дека се крои ново парламентарно мнозинство, за што посочи дека можеби станува збор за коалициски партнери на СДСМ. Сепак, на прашање дали можеби тоа има врска со Партијата за движење на Турците, која ја напушти коалицијата со СДСМ во Радовиш, Мицкоски рече дека не би изнесувал повеќе детали, затоа што во оваа фаза е потребна дискреција.
„Бидете трпеливи и многу брзо ќе дознаете кој е во право – јас или Заев“,
рече Мицкоски
На прашање дали се обидува да направи ново мнозинство за да продолжи да владее или, пак, да закаже предвремени парламентарни избори, Мицкоски рече дека е најбитно е оваа влада да падне и да понесе одговорност.
На прашање во врска со шестгдишнината од објавувањето на првите аудиоснимки од нелегалното прислушување, Мицкоски рече „од бомбите останаа само бомби, а тие што требаше да бидат цел на тие бомби сега се нивни коалициски партнери“.
Во врска со истражувањата кои упатуваат на тоа дека се намалува довербата во ЕУ во земјава, посебно кај приврзаници на политичката десница, Мицкоски нагласи дека за неговата партија, од формирањето па сѐ досега, главен адут е интеграцијата во Унијата.
„ВМРО-ДПМНЕ во изминатите години, и како власт и како опозиција, работеше и придонесуваше за интеграцијата во ЕУ и во НАТО. Јас би рекол дека граѓаните можеби имаат се помала доверба во институциите на ЕУ затоа што гледаат дека тие молчат под налетот на анахроните и ретроградни желби што ги има источниот сосед, желбите за асимилација на македонските народ и држава. Можеби кога тие би биле тие повеќе проактивни и кога повеќе би го советувале нашиот источен сосед помалку да му веруваат на Заев, а повеќе на македонскиот народ, довербата на македонскиот народ во европската бирократија би била поголема“,
рече Мицкоски.
Тој, исто така, тврди дека Владата не одговара на барање на ДИК за набавка на терминали за отчитување отпечаток од прст кои, треба да бидат употребени за претстојните локални избори. Според Мицкоски, терминалите потоа би биле искористени и за пописот, во случај власта да се согласи операцијата да се спроведе напролет следната 2022 година, што, според него, е идеален термин.
„Прашајте го Фатмир Бесими зошто не обезбедува средства за ДИК за набавка на терминали за локалните избори. Од што се плаши ДУИ? Зошто министерот за финансии две недели не одговара на дописот на ДИК? Прашајте ги Бесими, Зоран Заев или неговиот заменик Артан Груби“,
рече Мицкоски.