Во пописот постои сериозна статистичка грешка за 13,4 отсто од населението во однос на религиозната припадност, посочуваат од МПЦ-ОА и додаваат оти методологијата што се применувала во пописот не правела разлика помеѓу припадност на религија, припадност на вероисповед и припадност на црква или верска заедница
Сомневање во статистичката прецизност на резултатите од пописот, особено во делот на религиозната припадност изрази Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (САС на МПЦ-ОА), од каде што сметаат оти постои сериозна статистичка грешка која опфаќа 13,4 отсто од населението.
Како што посочува во соопштение МПЦ-ОА, методологијата која се применувала во пописот не правела разлика помеѓу припадност на религија (христијанство, ислам, јудаизам итн.), припадност на вероисповед (православно христијанство, сунитски ислам, хасидски јудаизам итн.) и припадност на црква или верски заедници (Македонска православна црква, Исламска верска заедница, Еврејска заедница итн.).
„Ова ги прави презентираните резултати конфузни, а со тоа и неточни, затоа што очигледно не ја одразуваат реалната состојба на верска припадност во земјата. Во оваа насока, пак, останува неодговорено прашањето зошто вероисповедта како опција не е дадена само кај една од религиите присутни во македонското општество, а очигледно е дека и таму постои варијантност?! Следствено, САС смета дека постои проблем не само во методологијата, туку можеби и некои од попишувачите недоволно ги упатувале граѓаните во можностите за изјаснување, а очигледно е дека опциите постоеле?!“,
стои во соопштението.
Меѓу другото, за Македонската православна црква повод за сомнеж во прецизноста на пописот е и непопишувањето на православните Македонци во дијаспората, што, веројатно, како што наведува МПЦ-ОА, било резултат на отсуството на комуникација со нив од надлежните институции од татковината, за разлика од посетите на некои министри меѓу иселените припадници од малцинствата.
Оттаму потсетуваат оти неколку дена откако започна попишувањето на населението, на 13 септември, а по претходна реакција од верници, САС на на МПЦ-ОА упати апел до јавноста, православните христијани да се попишуваат како ‘православни’, а не како ‘христијани’.
„Земајќи го предвид погоре кажаното, САС на МПЦ-ОА ги вреднува како нерелевантни податоците од пописот на населението, особено во делот за религиозната припадност, со заклучок за постоење на сериозна статистичка грешка, која во случајот опфаќа 13, 4 отсто од населението“,
додаваат од МПЦ-ОА.
Според податоците од пописот кои во средата ги објави ДЗС, во однос на религиската припадност, 46,14 отсто од попишаните резиденти земјава се изјасниле како православни. Како муслимани се изјасниле 32,17 отсто од попишаното резидентно население, а 0,37 проценти од попишаните резиденти се декларирале како католици.
Во пописот од 2021 година, како посебна категорија се издвојува категоријата „христијани“ во која рекле дека припаѓаат 13,21 проценти од попишаните резиденти.
Оваа категорија не се појавува во статистиката од пописот во 2002 година.