Брза пруга по коридорот 10 е стратешка инвестиција, ни одговорија од Министерството за транспорт, на нашите прашања по завчерашната изјава на српскиот министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура Горан Весиќ – дека очекува средба со македонскиот колега Александар Николовски за брзата пруга Скопје – Белград
Од Транспорт за „360 степени“, сепак, додаваат и дека стратешка цел е реализација на брза пруга Скопје – Солун, за што ќе се бара и меѓународна поддршка

Очекуваме средба што поскоро, велат од Министерството за транспорт за „360 степени“, откако министерот за градежништво, сообраќај и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ во интервју за МРТ1 рече дека очекува да се сретне со неговиот македонски колега Александар Николоски за да разговараат за изградба на брза пруга што ќе ги поврзува двете земји.
„Во однос на прашањето за средба, Ве информираме дека очекуваме таа средба да се реализира поскоро и во рамките на таа средба двајцата министри да ги прецизираат деталите околку изградба на брзата пруга“,
велат од Министерството за транспорт за „360 степени“.
Во интервјуто Весиќ рече дека Србија има изградено брза пруга од Белград до Нови Сад по која ќе се вози до 200 км на час. Најави дека до крајот на годината готова ќе биде и брзата пруга до Суботица, а во 2028 година и брзата пруга Белград-Ниш. Рече и дека се работи на делницата од Ниш до македонската граница.

„Согласно договорот што го потпишавме со Владата на Северна Македонија, го очекуваме тоа што го предложи, да го проектира и својот дел од Прешево до Скопје“,
рече Весиќ.
Како што истакна тој, идејата е да се поврзат Скопје, Ниш и Белград со Будимпешта бидејќи градат пруга и кон Унгарија. Во иднина очекува ова поврзување да продолжи и на југ, кон Солун и Атина.
Од македонското Министерство за транспорт велат дека се силно посветени за развој и модернизација на железничкиот систем и кон север и кон југ, но главен фокус е брза пруга кон Солун.

„Во тој контекст, министерот Николоски во неколку наврати потенцираше дека владин приоритет е изградба и модернизација на брза пруга на Коридор 10 како стратешка инвестиција. Стратешка цел на Владата е реализација на брза пруга Скопје – Солун и тоа е главен фокус на министерот Николоски“,
велат од транспорт.
Николоски планирал интензивни разговори и состаноци со претставници на Европската Унија и САД кои, како што велат, би можеле да помогнат во делот на реализацијата на овој стратешки проект.
Но на македонска територија се чини дека работите допрва треба да започнат и тоа на ниво на документација.
„Активности кои во наредниот период треба се реализираат во контекст на реализација на овој проект се:
– Изработка на проектна задача за студијата;
– Предпроектна документација како дел од физибилити студијата;
– Сообраќајни анализи и прогнози;
– Анализи на влијанијата врз животната средина;
– Процена на варијантите и проектот и избор на најоптимална варијанта за коридор на трасата“,
велат од Министерството за транспорт за „360 степени“.
Од транспорт додаваат дека во првата фаза се планира изградба на пруга со високи перформанси од Скопје до граничниот премин Табановце, односно кон Србија, и еден крак до Меѓународен аеродром Скопје во должина од околу педесет километри.
Велат дека веќе е формирана мешовита комисија составена од претставници на министерствата од двете земји.
„Владата преку Министерството за транспорт е посветена на реализација на овој проект кој е од особено значење за економски развој на земјата, регионално поврзување и отворање на нови пазари, како и за подобрување на железничкиот систем“,
потенцираат од транспорт.
Иако побаравме, од Министерството за транспорт не ни дадоа конкретни рокови кога треба да започне, а кога треба да заврши изградбата на брзата железница.