Претседателот на Француската републиката потсети на неговата приврзаност кон европската перспектива на Западен Балкан, особено во контекст на дестабилизација низ која поминува европскиот континент, соопштија од Елисејската палата

Во својата посредничка мисија помеѓу Скопје и Софија, францускиот претседател Емануел Макрон, освен со премиерот Димитар Ковачевски и бугарскиот претседател Румен Радев, разговарал и со бугарскиот премиер Кирил Петков.
По телефонските разговори, со кратко соопштение се огласија и од Елисејската палата.
Според него, како што јавни дописникот на МИА од Париз, целта на овие три разговори, додека Франција претседава со Советот на Европската Унија, е да се поттикнат овие две земји брзо да продолжат со дијалогот за спорот меѓу нив.
„Претседателот на Француската републиката потсети на неговата приврзаност кон европската перспектива на Западен Балкан, особено во контекст на дестабилизација низ која поминува европскиот континент“,
пишува во соопштението.
За разговорот со премиерот Ковачевски, претходно се огласија и од Владата наведувајќи дека двајцата се согласиле дека повеќе нема време за губење и оти понатамошно одложување на проширувањето на ЕУ и на европската интеграција на Северна Македонија може да има сериозни регионални последици и да дојде до широко отворање на вратата за трети страни.
Според соопштението од кабинетот на бугарскиот претседател, пак, во разговорот Радев му порачал на францускиот претседател дека очекува Северна Македонија да испорача резултати во врска со правата на нејзините граѓани, а исто така навел и оти очекува во преговарачката рамка да бидат вклучени гаранции дека земјава ќе ги исполни своите обврски.
Во однос на евроинтеграцијата на Северна Македонија и ЕУ денеска од Брисел стигна и потврда дека на крајот на француското претседателство ќе се одржи конференција на ЕУ за Западен Балкан. Датумот ќе биде 23 јуни односно истиот ден кога ќе се одржи редовниот јунски самит на ЕУ.
Во меѓувреме, и Европската комисија (ЕК) денеска за првпат се изјасни за временски рок за одржување на првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија наведувајќи го крајот на јуни. Еврокомесарот Дидие Рејндерс, кој го заменуваше Оливер Вархеји во Европскиот парламент, повика преговорите со Северна Македонија и со Албанија, да започнат пред крајот на француското претседателство односно до 30 јуни. Досега, ЕК никогаш не се изјаснуваше за рокови во однос на отпочнувањето на преговорите со Скопје и Тирана и го користеше го изразот „што е можно поскоро“.
Пред два дена и високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, даде временски рок кога треба да започнат преговорите со Северна Македонија и предупреди дека доколку тоа не се случи до крајот на француското претседателство ќе се отвори сериозен проблем помеѓу ЕУ и целиот регион.