Покрај Николовски, оставка од партиската функција како потпретседател порано денеска си поднесе и Оливер Спасовски
Пред вечерашното заседавање на централниот одбор на СДСМ и досегашниот генерален секретар на партијата, Љупчо Николовски, поднесе писмена оставка од функцијата.
Николовски во писмената оставка вели дека со ова остава простор Ковачевски да го одбере новиот генерален секретар кој ќе одговара на неговиот концепт.
„Чесно и посветено одработив во тежок период за партијата. Денес СДСМ е најбројната, најмодерната, дигитализирана, динамична и европска партија. По 18 години, СДСМ и коалицијата победија на парламентарни избори минатата година. На претседателот Ковачевски и новото раководство им посакувам многу мудрост, единство, ангажман и чување на вредностите. Со ова оставам можност за избор на нов генерален секретар согласно концептот на претседателот Ковачевски. Во однос на неговиот понатамошен ангажман во политиката и општеството, оставам да покаже времето. Достапноста, чесноста, искрениот и одговорен пристап во работата, држењето до зборот и ветеното, поддршката и залагањето за добри дела за сите без поделби на граѓаните по било која основа остануваат клучни вредности и залагања при вршењето на било која позиција и одговорност. За идните планови секако ќе има време да се размисли и одлучи по празниците”,
се наведува во писмената оставка.
Покрај Николовски, оставка од партиската функција како потпретседател порано денеска си поднесе и Оливер Спасовски, а вечерва на централниот одбор на СДСМ се очекува да се разговара токму за пополнување на овие позиции, како и за други кадровски промени.