Новата и млада демохристијанска партија Интегра, која на вчерашните избори освои околу 12 200 гласа според оспоруваниот резултат објавен од Државната изборна комисија, бара расчистување на проблематичното пребројување и прикажување на резултатите од вчерашните избори.
Претседателот на партија Љупчо Ристовски директно ја обвини опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ дека стои зад целиот скандал.

„Претседател на Државната изборна комисија е човек на ДПМНЕ, предложен и избран од него. Фирмата која го води софтверскиот дел на изборниот процес е исто така, велат многумина, блиска на ДПМНЕ. ДИК до овој момент се уште нема никакви официјални податоци за изборните резултати а имаме информација дадена лично од претседателот на ДИК дека се под силен хакерски напад. Прашање е како знаат дека до сега објавените податоци во јавност се објавени од страна на хакерите или не? И како нас ќе не убедат како опозиција или како јавност дека тие податоци кои струјат во јавност се исправни и веродостојни и се податоци на ДИК?“,
изјави Ристовски.
Тој побара и оставка од првиот човек првиот човек на ДИК, ако е точна тезата на партијата која го предложи дека е направен фалсификат.
„Доколку ДПМНЕ навистина верува дека станува збор за фалсификат на овие избори, како што тие тврдат, зошто нивниот претседател на ДИК не понуди демонстративно оставка на местото претседател на ДИК?“,
изјави Ристовски.
Освен сомнежите во системот за пребројување и прикажување на податоци, Ристовски ги наброја и другите причини кои придонеле да го постигнат резултатот од кој партијата е очигледно незадоволна.
Меѓу субјективните причини, рече дека не успеале да обезбедат повеќе пари од дијаспората за повидлива кампања, но и набљудувачка мисија по примерот на МОСТ. Но, смета и дека многу граѓани не можеле да ја видат нивната визија.
„Можеби новата светлина која се појави со Интегра на овие избори после долги години на време на темница, беше пресилен одблесок од кој нацијата можеби и заслепена од силината на понудената нова македонска ренесанса и едноставно ги затворија очите пред можеби единствената а можеби и последна шанса да настанат промени во историски контекст“,
изјави Ристовски
Сепак, најголемата критика на партијата беше кон опозициската десно ориентирана ВМРО-ДПМНЕ, дека „одиграла“ за власта.
„Опозициската ВМРО-ДПМНЕ остана доследна на нашите сомневања дека на овие избори ќе одработуваат за да остане Заев и СДСМ на власт, по моделот на ниска излезност. Во континуитет предупредувавме дека со постојаното одложување на датумот до критичниот период кога нацијата оди на одмори поради силните жештини, како и со континуираната кампања летувајте во Македонија по неуро-маркетинг моделот тие си ја завршија хируршки прецизно својата зададена задача да се анестетизира и неутрализира поривот на Македонците за промени, на тие 20% или 30% неопределени кои не знаеја се уште за кого да гласаат а сепак беа против СДСМ и ДПМНЕ“,
изјави Ристовски.