Парламентот во Загреб се очекува да биде распуштен в понеделник, а изборите би требало да се одржат во периодот од 21 јуни до 12 јули, како што најави Пленковиќ
Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ денеска најави дека парламентот ќе биде распуштен в понеделник, 18 мај, и за тоа го извести претседателот Зоран Милановиќ, кој има можност да распише избори на 21 или 28 јуни односно на 5 или на 12 јули.
„По седницата на Владата и состанокот на парламентарното мнозинство, можам да ја известам хрватската јавност дека сите … одлучија да му предложат на хрватскиот парламент распуштање в понеделник, 18 мај“,
изјави Пленковиќ по состанокот на коалицијата.
Тој додаде дека причина за одлуката за предвремени избори е тоа што неговата Влада ги остварила сите клучни амбиции што ги поставила за себе во изминатите три години.
Согласно уставните овластувања, претседателот на државата распишува избори по распуштањето на хрватскиот парламент, а според Законот за избор на пратеници изборите мора да се одржат во период од 30 до 60 дена.