Отсега за влез во Хрватска нема да биде на сила ниту едно ковид-ограничување, соопшти хрватското Министерство за внатрешни работи. Претходно, ваква одлука за укинување на ковид-мерките за влез во земјата донесоа и Србија, Бугарија, Грција и Албанија
Откако поголемиот дел од земјите во регионот ги укинаа ковид-мерките за влез на нивните територии, и Хрватска го направи истиот чекор и ги укина ограничувањата за влез во земјата, соопшти хрватското Министерство за внатрешни работи, пренесе ХРТ.
„Не е продолжена важноста на одлуката за привремено ограничување на преминувањето на граничните премини на Република Хрватска, која важеше до 30 април 2022 година. Според тоа, влезот во Хрватска е дозволен во однос на условите за влез кои важеле пред епидемијата на ковид, односно под условите пропишани со Шенгенскиот граничен кодекс, Законот за странци итн. без исполнување на епидемиолошките услови“,
соопшти МВР.
Претходно и Србија донесе одлука за укинување на сите ковид-ограничувања за влез во земјата. Па така, од утре (3 мај) за влез во Србија нема да важи ниту една епидемиолошка мерка за влез на лица на територијата на земјата, како за домашни, така и за странски државјани без разлика од која земја доаѓаат, соопшти српската Влада.
Претходно, иста ваква одлука донесоа и Бугарија, Албанија и Грција.