Љубен Арсенков, директорот на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје и Неџати Јакупи, директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија во изјава за „360 Степени“ рекоа дека и на двајцата повредени им се извршени оперативни зафати, но поради сериозноста на прострелните рани се во животозагрозувачка состојба
Инаку, попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР) до медиумите испрати фотографија од лицето кое со огнено оружје пукаше во „Ист гејт“ и ја информира јавноста дека на фотографијата обезбедена од полициските служби е лицето што го извршил кривичноправниот настан

Двајцата повредени при денешното пукање во „Ист гејт мол“ сѐ уште се во животозагрозувачка состојба. Ова доцна вечерава за „360 Степени“ го потврдија директорите на болниците каде тие попладнево беа оперирани.
Љубен Арсенков, директорот на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје вели дека кај едното лице се извршени оперативни зафати на повреди од прострелни рани на граден кош и абдомен, како и на повреди на десна надлактица и десна потколеница.
„Пациентот сѐ уште е на апарат за дишење и е во животозагрозувачка состојба. Се наоѓа на одделот за интензивна нега“,
изјави Арсенков.
Според него, двајцата повредени биле донесени во болницата, но поради сериозноста на повредите, едниот веднаш бил пренесен во Клиничкиот центар во Скопје.
Неџати Јакупи, директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија во изјава за „360 Степени“ посочи дека кај пациент со повеќе прострелни рани била извршена итна хируршка интервенција на лево белодробно крило и биле санирани повреди на десно рамо.
„Пациентот има повеќе прострелни рани. Стабилизиран е, но сѐ уште е во животозагрозувачка состојба. Се наоѓа на интензивна во Карил“,
додаде тој.
Инаку, попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР) до медиумите испрати фотографија од лицето кое со огнено оружје пукаше во „Ист гејт“ и ја информира јавноста дека на фотографијата обезбедена од полициските служби е лицето што го извршил кривичноправниот настан.

Оттаму апелираат до сите граѓани доколку го забележат лицето од фотографијата, имаат какви било сознанија за него или корисна информација која може да помогне во истрагата која СВР Скопје ја води во координација со јавен обвинител, веднаш да известат во најблиската полициска станица или да пријават на телефонските броеви 192 или 112.
На порталот „Курир“ беше објавено и видео од пукањето во трговскиот центар.
Според снимката, се гледа како две лица се упатуваат и се спуштаат по ескалаторот надолу кон гаражите на трговскиот центар, а лице облечено во бел блузон се доближува до горната страна од ескалаторот и од горе пука во нив. По пукањето, напаѓачот бега во спротивен правец и поминува под безбедносната камера.
За време на инцидентот, како што може да се забележи и на снимката, во трговскиот има случајни минувачи кои по пукотниците се разбегуваат.
Неофицијално, како што објавуваат дел од порталите, цел на пукањето повторно бил Раде Трајковски со прекар Штекли кон кого, исто така во „Ист гејт“, беше пукано пред два месеца.