Уште еден здравствен работник кој беше заразен со ковид-19 донираше крвна плазма за да помогне во лекувањето на пациентите. Станува збор за доктор Кристијан Богдановки, кој е вработен во Итната медицинска помош во Македонски брод.

„Уште еден наш колега даруваше крвна плазма. Д-р Богданоски е еден од здравствените работници кои ја добија битката со вирусот ковид-19 и самоиницијативно се пријави за донација. Со донација на плазма спасуваме човечки живот! Ако сте го прележале вирусот, контактирајте го центарот за Трансфузиологја и проверете дали може да сте следниот донор кој ќе направи добро дело“,
вели министерот Филипче.
Вчера крвна плазма даруваше и претседателот на општинскиот огранок на Лекарската комора во Куманово, д-р Мирослав Бошковски.
Од Институтот за трансфузиона медицина утрово информираа дека досега се обезбедени 31 единица конвалесцентна плазма за третман на 31 пациент со ковид-19. Од нив, 16 се преку постапка плазмафереза и 15 единици преку стандардно дарување крв.
