Претседателката на БСП вели дека е невозможна влада што би ја составувала левицата, врз основа на резултатот од априлските избори во Бугарија
Влада составена од БСП е невозможна, изјави денеска лидерката на бугарските социјалисти Корнелија Нинова, откако двете прворангирани партии на парламентарните избори минатиот месец – ГЕРБ и новата „Има таков народ“ му го вратија мандатот на бугарскиот претседател Румен Радев.
Како што пренесе БГНЕС, Нинова потсети дека на последните избори на 4 април, бугарските граѓани гласаа за партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“, што тие ја признаа како партија на промените.Нагласи и дека во неколку наврати тие се нафатиле на соработка со трите нови партии, кои влегоа во 45. Национално собрание, но тоа беше одбиено.
„Трите нови партии во Националното собрание покажаа политичка незрелост, недостаток на култура за политички дијалог, сите се против секого. Тие не успеаја да излезат од своето его и да се обединат околу работите што не спојуваат “,
рече Нинова.
Бугарските социјалисти, на денешниот состанок, разгледале четири можни опции, но преовладало мислењето дека е најсоодветно да го вратат мандатот истиот ден кога ќе го добијат – 5 мај.
„Најдобро е да се биде искрен и фер со народот, би можеле да го земеме мандатот и да добиеме време. Но, сите Бугари треба да бидат свесни дека земањето на мандатот и губењето време во обид да се формира влада е во прилог на ГЕРБ, бидејќи тие продолжуваат да бидат на власт. Главната вина за претстојните избори е во трите нови партии“,
вели Нинова.
Како што пренесува БГНЕС, со својата одлука, левицата ја отвора можноста шефот државата да формира службен кабинет, за да ја води земјата низ претстојната криза.
„Одиме на избори доброволно, со напори што ќе ги направиме за да убедиме и да покажеме дека БСП е вистинската промена и дека нема да дозволиме промената да стане замена “,
вети Нинова.
Според неа, тие не гледале никаква смисла да го земат мандатот и да добијат време за работа на парламентот, бидејќи, како што вели, тој е неспособен да носи важни одлуки.