Дали ќе дозволиме ваков политички инжинеринг, вакво вазалство и демонтирање на Охридскиот рамковен договор, потценување и потчинување на втората по големина етничка заедница спротивно на сите договори, пишани и непишани, за тоа како го регулираме соживотот овде или ќе го нормализираме – вели потпретседателот на ДУИ и најавува широка предизборна коалиција на партии на Албанците

Се подготвува формирање широка коалиција на партиите на Албанците за претстојните локални избори, во која ќе се вклучат не само ДУИ и Алијанса за Албанците, туку и граѓански организации и други политички субјекти, најавува Бујар Османи во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Според поранешниот министер за надворешни работи и актуелен потпретседател на ДУИ, оваа коалиција има поширока цел од чисто општинско изборно сојузништво.
Во неа, рече Османи, ќе уствествуваат и Арбен Таравари и Зијадин Села.
„Се формира еден голем фронт, не само со Арбен Таравари туку и со граѓански организации. Јас би сакал кампањата за локалните избори да биде чиста општинска кампања, комунална кампања. За жал или, можеби, не за жал, станува референдум кај Албанците и затоа ова станува еден фактор на атракција. Сите политички партии да станат дел од оваа страна на референдумот“,
изјави Османи.
Оваа иницијатива, според него, претставува национална алијанса за интеграција, која има цел да се спротивстави на, како што го нарече, „политичкиот инженеринг“ што го донеле ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН.
Османи вели дека гласачите Албанци се обединети во незадоволството. Прашан дали Села и Таравари можат меѓусебно да се толерираат како дел од иста коалиција, потпретседателот на ДУИ одговара дека локалните избори се прашање над теснопартиските интереси.
„Да, затоа што прашањето ги надминува политичките и партиските поларизации. Ова станува прашање коешто ги окрупнува сите Албанци. Вие излезете каде било низ град ќе видите дека една тема се разговара – незадоволството и гневот на Албанците кон ова понижување“,
истакна тој.
Во коалицијата, според најавите, ќе има простор за сите политички партии на Албанците, но и за структури од други етнички заедници, вклучувајќи ги и партиите на Турците.
Кандидатите за клучните општини како Гостивар, Струга, Чаир и Тетово ќе бидат предмет на внатрешни договори во рамките на новоформираниот блок.
„Тоа ќе биде договор во којшто сите ќе бидат претставени со свои кандидати и во листите и за градоначалнички позиции бидејќи, како што реков, ова ги надминува партиските разлики“,
додаде Османи.
Тој не откри конкретни имиња за кандидатите во некои општини, но потврди дека се водат разговори, а имињата ќе бидат формално потврдени преку внатрешни тела на коалицијата. Во ДУИ се подготвени, на пример, да немаат кандидат за градоначалник во Гостивар и да го поддржат фаворитот на Таравари.