Бунтовничката група, која е поддржана од Иран, пред два дена го нападна израелскиот танкер „Скарлет Реј“ во близина на саудиското пристаниште Јанбу во Црвено Море

Јеменските бунтовници хути тврдат дека нападнале брод во северниот дел на Црвено Море. Бродот, кој според нив бил поврзан со Израел, бил нападнат со две беспилотни летала и една ракета.
„Јеменските вооружени сили спроведоа заедничка воена операција насочена кон брод поради кршење на одлуката за забрана за влез во пристаниште во окупирана Палестина“,
изјави портпаролот на хутите, без да прецизира кога бил нападнат бродот.
Бунтовничката група, која е поддржана од Иран, пред два дена го нападна израелскиот танкер „Скарлет Реј“ во близина на саудиското пристаниште Јанбу во Црвено Море.
При израелскиот воздушен напад врз Јемен, извршен на 28 август, загинаа премиерот на владата на хутите и 11 други функционери.
Јеменските бунтовници контролираат големи делови од земјата, која е во војна од 2014 година, вклучувајќи ја и Сана, каде што хутите ги воспоставија своите политички институции. Меѓународно признатите јеменски власти, протерани од Сана, се во Аден.
Од почетокот на војната во Појасот Газа во октомври 2023 година, хутите лансираат ракети и дронови кон цели во Израел и нападнаа повеќе од 100 бродови во Црвено и Арапско Море, теснецот Баб-ел-Мандеб и Аденски Залив, во знак на поддршка со Палестинците. Како одговор на нападите, Израел постојано напаѓа цели во областите на Јемен контролирани од хутите.
Јемен е вовлечен во граѓанска војна од 2014 година меѓу владините сили, поддржани од коалицијата предводена од Саудиска Арабија, и бунтовниците хути, поддржани од Иран. Обединетите нации го опишуваат конфликтот како хуманитарна катастрофа што предизвика сериозна штета на инфраструктурата на осиромашената земја.