Двата претходни обиди за примирје беа неуспешни, иако околу 7 000 луѓе беа евакуирани од Суми вчера
Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук изјави дека Русија се согласила на 12-часовен прекин на огнот во шест најпогодени области од борбите за да им овозможи на цивилите да ги напуштат.
Верешчук вели дека Москва се согласила да го почитува примирјето од 9 до 21 часот по локално време (8 до 20 часот по средноевропско) околу шест области кои се тешко погодени од борбите.
Според Верешчук, коридорите за евакуација ќе бидат отворени од:
-Мариупол до Запорожје
-Енергодар до Запорожје
-Суми до Полтава
-Изум до Лозова
-Волноваха до Покровск во Донецк
-Од неколку града околу Киев – Ворзел, Бородјанка, Буча, Ирпин и Хостомел – до главниот град.
Михаил Мизинцев, шеф на рускиот Национален одбранбен контролен центар, вели дека силите на Москва „ќе го почитуваат режимот“ за време на прекинот на огнот.
Двата претходни обиди за примирје беа неуспешни, иако околу 7 000 луѓе беа евакуирани од Суми вчера.
Според репортерите на светските ТВ-куќи на терен, жителите го напуштаат Суми со приватни автомобили.
Локалните власти потврдуваат дека веќе втор ден е воспоставен хуманитарен коридор за да им се овозможи на цивилите да избегаат на безбедно и засега тоа функционира.
Илјадници луѓе ги напуштија украинските градови под слични аранжмани во последните денови, но во некои случаи Русија беше обвинета за гранатирање на излезните правци.